Здружението на новинарите на Македонија, светскиот ден за човекови права 10-ти декември го одбележа со тематски форум на тема: „Безбедноста и слободата на новинарите во Македонија“. На настанот учествуваа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за информатичко општество Марта Арсовска Томовска, Народниот правобранител Иџет Мемети, а во работниот дел свои излагања имаа новинарот Томислав Кежаровски, претседателката на новинарскиот синдикат Тамара Чаусидис, директорката на Советот за етика Марина Тунева, раководителката на програми на МИМ Весна Никодиноска и првиот човек на ЗНМ, Насер Селмани.

 

ZNM bezbednost na novinarite 1

Во последните четири години се регистрирани 24 напади врз новинари во Македонија од кои половината се имаат случено во првите шест месеци од оваа година. Во земјава се присутни сите форми на насилство како физички и вербални напади, попречување на известување од настани и уништување на нивната опрема и имот рече Селмани. Според него, јавноста мора да разбере дека жртвите на ваквото насилство не се само новинарите туку и граѓаните кои имаат право да знаат што се случува во нивната земја.

Безбедноста за новинарите е исклучително важна во насока на обезбедување на слободни и плурални медиуми а секој новинар мора да биде заштитен од физички напади и закани, нагласи министерката Арсовска Томовска. Првиот човек на МВР, Оливер Спасовски пак потенцираше дека нема прогрес таму каде што уценети, тепани или затворени новинари и медиуми и оти во последните 2-3 години според него има силен притисок кон новинарите.

„Кога ме прашуваат како можам да ги издржам притисоците, одговарам дека мојата сила е во тие што застанаа зад мене и ми изразија поддршка“, порача новинарот Кежаровски. Нему, како што рече, надеж му влева фактор што почнало јасно и гласно да се говори за проблемите. И е уверен дека само преку решителна борба ќе може да се создаде демократско општество. За Тамара Чаусидис на сцена е тивка ампутација на ‘рбетот на новинарството што се случува секојдневно во редакциите и тоа е исто така, како што вели, насилство кое само што не се манифестира со кршење на опрема, физичка пресметка и или затворање на новинари.

ZNM bezbednost na novinarite 2

 

Народниот правобранител Мемети во своето излагање порача дека прашањата поврзани со безбедноста на новинарите не смеат да бидат оправдување за загрозување на човековите слободи и права. Потребна е општествена грижа за безбедноста но не по цена на слободата на медиумите. Освен тоа, државните органи мора ефикасно да ги казнуваат сите притисоци кон новинарите како и загрозување на нивната безбедност и интегритет, рече Мемети.

„Да зборувате за слобода на изразување и слобода на медиумите кога се врши насилство врз новинарите е исто како да зборувате за мир кога ви е вперен пиштол в чело“, истакна директорката на Советот за етика, Марина Тунева. За компаративните прегледи на видови насилство врз новинарите во регионот повеќе примери сподели Весна Никодиновска од МИМ. Воведните излагања предизвикаа дискусија во која беа посочени примери дека и семејствата на новинарите се предмет на закана заради нивната работа. Појави кои земаат замав особено во последно време.

Токму затоа, неопходно е институциите на државата итно и безусловно да ги расветлат и расчистат сите појави на насилство врз новинари. Само на таков начин ќе се обезбедат нормални услови за вршење на новинарската професија.

ZNM bezbednost na novinarite 3

 

Овој настан, ЗНМ го организираше во соработка со Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ), Етичкиот совет на медиумите во Македонија (СЕММ) и Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Настанот е дел од програмата Цивика мобилитас, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), кој го спроведуваат NIRAS од Данска, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Шведскиот институт за јавна администрација (SIPU).