Под ова мото се одвиваше регионалниот форум на Цивика мобилитас за полошкиот и скопскиот регион што се одржа во просториите на Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ) во Тетово на 25 октомври 2016 година. Вкупно 62 претставници на граѓански организации, граѓански иницијативи, медиуми и институции разговараа не само за загадувањето кое не е нова вест во двата региони, туку за тоа како да се најдат решенија за загадената почва, вода и воздух.

Regionalen Forum 1 25102016

Дарко Спировски од Институтот за животна средина и здравје при Универзитетот на Југоисточна Европа истакна дека загаденоста секој ден расте заради почнувањето на грејната сезона. „Според последните мерења, присуството на ПМ 10 честичките во воздухот веќе достигнува 160 микрограми на кубен метар, што е за три пати над законски дозволената граница“, рече тој и потсети дека минатата зима, присуството на ПМ10 честичките неретко било и 20 пати над дозволеното ниво. „На Тетово му се потребни повеќе мерни и тоа мобилни станици, наместо постојната една. Тие ќе дадат појасна слика за степенот на загаденоста на воздухот и за реоните каде таа е најизразена“.

Блаже Јосифовски од Асоцијација за чиста животна средина „Ајде Македонија“ од Скопје зборуваше за концептот „нула отпад“. „Постојано го чистиме отпадот кој се наоѓа на несоодветни места во околината, ја развиваме свеста кај граѓаните за правилно управување со отпадот“, рече тој и додаде дека за решавање на овој проблем потребно е заедничка работа на сите чинители.

„Најголемо значење за решавање на проблемот е функционирањето на правната држава“, рече , Арианит Џафери од движењето Еко герила од Тетово. „Во земја каде не се почитува законот, таму ќе има и фабрики кои ќе загадуваат, ќе има депонии по градовите и градоначалници кои воопшто не се загрижени за тоа и ќе има градови без јавен превоз, а сметот ќе биде фрлан насекаде“, додаде тој. Џафери потсети дека на 1 ноември истекува рокот за поставување филтри во „Југохром“, и ако не ги постави фабриката треба да биде затворена.

Сунчица Ѓурчиновска од Иницијативата за граѓански интеграции од Гостивар ја потенцираше информираноста на граѓаните за зачувување на животната средина и зголемувањето на нивната свест што треба да започне уште од најмлада возраст.

Regionalen Forum 2 25102016

Учесниците се договорија:

  • Да се направи манифест за комуникација со сите политички партии за претстојните парламентарни избори што ќе служи како патоказ за политичките партии при дефинирање на нивните програми во делот за животна средина, а потоа како активност да се спроведе и за следните локални избори.
  • Да се анализираат програмите на политичките партии од аспект на понудени решенија за заштита на животната средина;
  • Да се направи кратка предлог политика за заштита на животната средина која ќе ги адресира прашањата на загадувањето на воздухот, управувањето со отпадот и урбанистичкото планирање и развој.
  • Да се спроведат акции за заштитата на животната средина и подигање на свеста на граѓаните.

Regionalen Forum 3 25102016

Регионалниот форум организиран од Цивика мобилитас заедно со Еко герила Тетово и во соработка со Центар за едукација и развој од Теарце; Егалите од Камењане, Боговиње; Асоцијација за демократски иницијативи од Гостивар; Женски форум од Тетово; Месечина од Гостивар, ЛГБТ Јунајтед од Тетово и Ајде Македонија од Скопје.