Со доделување награди и признанија на најдобрите ученици Роми, во Делчево се одбележа Светскиот ден на Ромите, 8 Април.

НВО Кхам од Делчево ѝ додели парична награда од 5.000 денари на најдобрата ученичка, осмооделенката Мелиса Ахмедова  од ОУ „Ванчо Прке“ од Делчево. Општина Делчево, пак, ја награди со 10.000 денари најдобрата средношколка Ромка, Себат Зекировска од СОУ „М.М.Брицо“.

12 04 2017 Kham vesti

„Овие награди претставуваат признание за најдобрите ученици Роми, но и поттик за учениците да постигнуваат поголеми успеси. Ние сакаме да ги мотивираме, бидејќи образованието ги отвора вратите на нивната иднина. Очекувам примерот на овие ученици да го следат и нивните другари“-рече Сара Јашарова од НВО Кхам.

На свеченоста се обрати и Зекри Абдулов, директор на НВО Кхам, кој истакна дека реализацијата на програмата на Светска Банка, „Декадата на Ромите“, придонела да се актуелизираат, но и да се решат мал дел од проблемите на Ромите. Сепак, тој не е задоволен од динамиката на спроведување на акциските планови за Ромите опфатени во Стратегијата.

„Стратегијата е донесена пред три години, националните акциски планови од сите области се завршени пред неколку месеци, но локалните акциски планови сѐ уште се изготвуваат. Тоа значи дека ние изгубивме три години кои стојат како вакуум, а Стратегијата важи до 2020 година. Се плашам дека ќе бидеме принудени  повторно да носиме некои документи кои ќе бидат алиби за она што не се спроведува. За жал, Ромите се сѐ уште дискриминирани во 21 век“ – изјави Абдулов.

НВО Кхам од Делчево 15 години го организира одбележувањето на Светскиот ден на Ромите, со кој се одбележува првото ромско организирање на 8 април 1971 година во Лондон.

НВО Кхам од Делчево е корисник на институционален грант на Цивика мобилитас.