Огромна пастрмка утрово осамна во центарот на Скопје. Поставена е од страна на активистите од „Урбани уметнички акции“, кои алармираат за исчезнувањето на пастрмката од најстарото македонско езеро.

„Охридската пастрмка исчезнува пред нашите очи. Охридската пастрма (Salmo letnica, Karaman, 1924), нејзините подвидови, како и автохтоната македонска пастрмка (Salmo macedonikus, Кaraman 1924), стануваат сè позагрозени и лесно може да се случи да исчезнат од водите во Македонија во нашиот животен век. Сè поголемите гастрономски барања за овие исклучително квалитетни риби ги разгоруваат криволовот и рибократството. Популациите на дива пастрмка во македонските води (Охридското Езеро, реката Радика и нејзините притоки, реката Треска, езерата Маврово, Козјак и Шпилје) во последните години се десеткувани.

Во Охрид сè поретко се ловат полово зрели единки, а рибокрадците и концесионерите на пазарот пласираат полово незрели единки кои никогаш не се мрестеле. Состојбата е уште позагрижувачка бидејќи концесионерите (кои имаат дозволи за стопански риболов) ловат масивно над пропишаните квоти. Порибувањето со подмладок од мрестилиштата за пастрмка, за жал, во најголем број случаи е сведено на трговија со фактури, а Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство никогаш не водело сериозна контрола дали количините риба што концесионерите ги прикажуваат дека се порибени се реални и вистински или само се водат на хартија, односно постојат само на лажирани фактури.

Со ваков однос кон пастрмката голема е веројатноста и овие видови пастрмка да исчезнат многу бргу. Колку за потсетување, некогаш многубројниот вид пастрмка наречена главатица (Salmo marmoratus Cuvier, 1829) која до пред 40-ина години ги населувала долните теченија на Дрим, Дебарското Езеро и долниот тек на Радика, денес е потполно исчезната. Затоа секогаш размислете пред да купите дива пастрмка. Со купувањето диви пастрмки директно ги подржувате рибокрадците и ги уништувате нејзините шанси за преживување! Размислете дека можеби токму вие ќе ја изедете и последната дива пастрмка. Вреди ли?“