Од денес (20.04.2017) па до 24 април оваа година, Стрип центарот на Македонија (СЦM) со седиште во Велес ќе организира Стрип училиште за креативен ангажман кое ќе се одржи во с. Нежилово.

Учесници ќе бидат 12 цртачи од Скопје, Куманово, Струмица, Кратово, Битола и с.Горно Јаболчиште кои со помош на нивни водичи и персоналот на СЦМ –Велес ќе ги довршат веќе подготвуваните стрип дела. Темите на цртање се однесуваат на миграциите, меѓуетничките односи, родовите прашања, екологијата и слично.

По завршувањето на овој настан ќе се издаде каталог со нацртаните дела и ќе се одржат изложби во местата од каде што потекнуваат учесниците.

Стрип училиштето е дел од проектот „Стрипот како креативна алатка во функција на граѓанскиот ангажман“. Неговата цел е да се афирмира стрип уметноста како алатка за испраќање на општествени пораки преку креативен процес на поединци и институции. Исто така, ќе се промовираат македонската и интернационалната стрип сцена, а ќе се организираат и тематски состаноци за вмрежување заради афирмирање и социјална примена на стрип културата во нашата земја.

Стрип центарот на Македонија – Велес е корисник на мал акциски грант од Цивика мобилитас.