Здружението Конект организираше информативна средба на тема „Трендовите во социјалното претприемништво“ на 12 април 2017 година во хотелот ТЦЦ Гранд плаза.

На настанот беа споделени резултатите од првото сеопфатно истражување за екосистемите за развој на социјалните претпријатија во седум земји на Западен Балкан, во кое со својата истражувачка експертиза учествуваше Конект.

Резултатите од истражувањето укажуваат на тоа дека постои потреба да се продолжи со иницијативите за подигање на свеста и градење на секторот. Исто така, потребно е јакнење на капацитетите, поддршка при формирање нови социјални претпријатија и учење од моделите со најдобри практики. Но, можеби најбитнo од сè е да се зајакнат напорите за да се обезбедат бизнис ориентирани и советодавни услуги, како и прилагодени начини на финансирање на социјалните претпријатија.

13 04 2017 Konekt vesti
„Развојот на социјалното претприемништво во Македонија треба да се поттикне на начин соодветен на потребите на овие претпријатија. Само со создавање на поволен екосистем тие ќе бидат подготвени да настапат и да се одржат на пазарот, а воедно да ѝ служат на заедницата“- вели Никица Кусиникова, извршна директорка на Конект.

Конект се залага за промовирање на модели што носат економски и социјални придобивки за општеството. Во оваа насока, се фокусира на градење на партнерства помеѓу општествено одговорните компании и социјалните претпријатија. Преку Клубот на одговорни бизниси, Конект ги поттикнува класичните бизниси да ги советуваат и менторираат социјални претпријатија и да ги поддржат преку своите услуги и синџирот на добавувачи. Плановите на организацијата вклучуваат формирање на Фонд на приватни донатори за поддршка на социјалните претпријатија и пилот инвестиции.

Информативната сесија е дел од проектот „ Социјално претприемништво: учење од практика и промоција“ финансиран од Министерството за економија на Република Македонија, а спроведуван од Здружението Конект.

Конект е институционален грантист на Цивика мобилитас.