Зачетоците на корупцијата во јавните набавки се јавуваат во фазата на планирање, особено при утврдувањето на предметите на набавка, односно што и за колку пари ќе се купи. Оттука, еден од битните индикатори за интегритетот во јавните набавки не е само каков план ќе се изработи, туку и колку доследно тој ќе се спроведува или, под влијание на „одредени интереси“ ќе се менува.

Последното обемно истражување на Центарот за граѓански комуникации, кое меѓу другото ја опфати и фазата на планирање на набавките, покажа дека просечниот процент на реализација на плановите за јавни набавки кај министерствата, Владата и Собранието во 2016 година е 65%. Кај некои институции исполнувањето на планот изнесува само 27%. Исто така, значаен дел од набавките биле предмет на измени и дополнувања во текот на годината, што достигнуваат и до 88% од првобитно планираните набавки.