Вкупно 22 новинари го тужеле својот медиум, бидејќи незаконски биле избркани од работа или им се должеле плати, но она што е поважно, од тие судски постапки дури 15 завршиле во полза на новинарите.

За три случаи сè уште се чека одлука, а само четири се правосилно завршени на штета на работниците, иако за три од нив, поведена е постапка за ревизија пред Врховниот суд.

Адвокатот Наталија Миленкова веќе шеста година го застапува Самостојниот синдикат на новинарите и на медиумските работници (ССНМ) при работните спорови на синдикалните членови и таа вели дека во тој период до неа се обратиле десетици новинари, од кои, 22 решиле правдата да ја бараат на суд.

По најновите случувања околу штрајкот на новинарите и затворањето на издавачката куќа „Медиа принт Македонија“ таа бројка може да достигне и повеќе од 100 предмети.

Антоновски ја доби „Сител“ телевизија

Класичен победник во еден ваков работен спор е познатиот телевизиски новинар и некогашен уредник на „Сител“ и на „А1 телевизија“, Драган Антоновски. Раководството на „Сител“ пред неколку години во 2014 го отпушти, без да го почитува законот, а како што вели тој, го избркале само зашто не прифатил да уредува вести со пропаганда и со „фејк-вести“ во одбрана на ликот и на делото на експремиерот Никола Груевски и на неговата Влада.

Дополнително, во тој период кога Антоновски беше принуден да замине од телевизија тој беше заменик претседател на ССНМ.

„Немав никакви дилеми дека ќе ги добијам на суд, според онаа старата: Пред вистината и боговите молчат. Победата над таа неправда, професионална, политичка и синдикална, беше овозможена само поради заштитата од Синдикатот. По изречената пресудата на Апелациониот суд, „Сител“ беше задолжен да ме врати на работа да ги исплатат сите судски трошоци и сите заостанати плати и придонеси за период од три години“, вели Антоновски кој веднаш откако бил исплатен и официјално си заминал од „Сител“.

Слична е приказната и на поранешниот новинар на „Вест“ Милутин Станковиќ кој во 2012 година незаконски беше избркан од медиумската куќа „Медиа принт Македонија“ меѓутоа со правната помош од ССНМ судот одлучи дека тој треба да се врати на работа и тоа на место соодветно на неговото образование и дека медиумот треба да му ги исплати платите и да му ги надомести трошоците за постапката.

Една од првите победи на ССНМ во судница е случајот со новинарите кои не беа исплатени од телевизија „Пинк 15“, која кратко работеше во првата половина од 2011 година. Седум новинари од оваа куќа го добија случајот против медиумот, кој го покрена поради неисплатени плати и придонеси.

„За нас секој предмет кој што пристигнува за работење е ист и на секој предмет му приоѓаме со иста сериозност. Точно е дека во судницата препознаваме одредени новинари, но тоа не значи дека судот покажува одредени склоности или анимозитети кон новинарите. За нас е битно да ја утврдиме евентуалната повреда согласно Законот за работни односи и да изречеме одлука“, велат од Основниот суд Скопје 2-Скопје.

Не е сѐ така розево

„Иако процентот на добиени предмети е голем и влева надеж, сепак, во пракса, станува сè потешко да се заштитат работничките права“, децидна е адвокатката на ССНМ, Миленкова.

Во овој период неколкупати беше изменет Законот за работни односи и Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, но и други регулативи со кои се кратеа работничките права, се зголемија судските трошоци што дополнително ги демотивира новинарите правдата да ја побараат на суд.

„Судството стануваше сè поселективно и зависно од центрите на моќ. Во ваква ситуација дел од новинарите не се осмелуваа да тужат, бидејќи знаеја оти медиумот во кој работат е поврзан со одреден центар на моќ. Таков е примерот со оние три предмети на откази во МПМ што ги изгубивме на суд. Иако Државниот трудов инспекторат нареди да се поништат одлуките за отказ како незаконити и дури парично го казни работодавецот, во судската постапка, под притисок, на медиумот беа донесени пресуди со кои беа одбиени тужбените барања“, раскажува Миленкова.

Поранешниот втор човек на ССНМ, Драган Антоновски вели дека што е суштина на синдикалната борба е дека газдите, работодавачите и власта и Синдикатот секогаш мора да се на спротивни страни.

„Единствено што може да ги спојува е масата за преговори. Само така може да се зборува за успешен синдикализам и вистинска синдикална борба. Сопствениците на име на избегнување на давачките, на загарантираните придонеси или заработеното ќе се трудат да изнајдат нешто што ќе им донесе поголем профит и секогаш нема да платат, доколку не мораат. Во македонски контекст, како надградено и проширено, секогаш ќе ја изберат власта и политичарите ако треба да бираат меѓу работникот, новинарот и политичарот“, предупредува Антоновски.

Ниту Синдикатот, ниту неговиот правен застапник, па дури и судот немаат дилеми во однос на тоа дека бројот на успешни пресуди ќе биде уште поголем, дотолку повеќе што масовното отпуштање на десетици новинари, вработени во системот „МПМ“ може да резултира со нови одлуки кои ќе бидат во полза на вработените од весниците и порталите.

Она што освен независноста и реформите на судството се појавува како приоритет е и намалувањето на судските такси кои со последните одлуки енормно се зголемени, па правдата станува привилегија само на богатите.

Оваа анализа  е изработена со финансиска поддршка на Европската Унија. Содржината на анализа  е единствена одговорност на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници  и на авторите и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија“.

The post Синдикалната борба на новинарите се исплаќа appeared first on ССНМ.