Институтот за демократија „Социетас Цивилис” – Скопје (ИДСЦС) во соработка со Центарот за економски анализи (ЦЕА) ги покануваат сите заинтересирани на презентација на отворениот повик за апликации со цел формирање на мрежа за подобра легислатива – Мрежа „RIA”. Настанот ќе се одржи на 7 април (петок) од 11:00-12:30 часот во ЕУ Инфо центарот.

Настанот ќе се состои од презентација на проектот „Проценка на влијанието на регулативата во сенка: Промовирање на креирање политики базирани на докази“ којшто претставува основа за формирање на мрежата RIA, како и презентација на отворениот повик за нејзино формирање.

Мрежата стратешки ќе се фокусира на добро владеење и квалитетно законодавство. Нејзиното креирање ќе се одвива преку работилници, состаноци и он-лајн сесии со цел да мониторира и истражува. Преку имплементација на програма за мали грантови, членовите на мрежата заеднички ќе изградат платформа за да се постигне повисоко ниво на добро владеење во земјата. Членови на мрежата ќе бидат приближно 10 здруженија на граѓани кои ќе бидат селектирани преку овој отворен повик.

Институтот за демократија “Социетас Цивилис” – Скопје е корисник на институционален грант, додека Центар за економски анализи е корисник на специфичен акциски грант на Цивика мобилитас.