Младинскиот културен центар – Битола (МКЦ – Битола) во соработка со медиумскиот партнер ТЕРА Телевизија од јуни 2017 година го спроведуваат проектот ОБЈАВИ МЕ. Проектот се реализира со помош на грант доделен преку проектот „Медиумска писменост во ера на наплив на информации: Коалиција за медиумска писменост”, што го спроведува Високата школа за новинарство и за односи со јавноста во соработка со Институтот за различности во медиумите од Лондон и весникот „Нова Македонија“ со финансиска поддршка од Европската Унија.
Барајќи начин да се излезе од рамките на редовните содржини на телевизија и на еден нов иновативен начин да се открие кои теми му се важни на реалниот гледач, намерата на проектот „ОБЈАВИ МЕ“ е на обичните граѓани/гледачи да им се претстави моделот на граѓанско новинарство. Целта е да се подобри критичкото разбирање на граѓаните за содржините и функционирањето на медиумите преку нивно директно вклучување како репортери и креатори на медиумски содржини.


МКЦ Битола во соработка со ТЕРА ТВ преку овој повик за прв пат им овозможува на македонските граѓани директно да се вклучат во медиумскиот простор како репортери и креатори на содржина во краткиот серијал „Објави ме“.

ТВ серијалот ќе се реализира на  ТЕРА ТВ и ќе опфаќа 20 ТВ емисии на различни актуелни теми со локален или национален контекст во периодот септември 2017 – јануари 2018. Секоја седмица во рамките на овие месеци ќе се емитува по една ТВ емисија во која ќе земе учество еден граѓанин/ка кој/а ќе се пријави на повикот (вкупно 20 граѓани за серијал од 20 ТВ емисии). За учеството на граѓанинот/ката не е предвиден финансиски надомест. Целта е заинтересираните граѓани што ќе се пријават за учество, од блиску да се запознаат со работата на медиумот и на практичен начин да се едуцираат што подразбира медиумската писменост.
Распоредот за подготовка на ТВ емисиите, изборот на темите и концептот на емисиите ќе го направи  ТЕРА ТВ во соработка со самите граѓани кои ќе се пријават за учество. Заинтересираните граѓани можат да се пријават на линкот подолу:

https://docs.google.com/forms/d/1zcjea_yn-KNUk4OVnthVqKXQdrTTUW8-agCNlYZJcXg/viewform?edit_requested=true

Повикот ќе биде отворен континуирано за време на реализацијата на серијалот.

МКЦ-Битола е институционален грантист на Програмата Цивика Мобилитас.