Центарот за развој на медиуми ги повикува граѓанските организации од Скопје и Скопскиот регион да се пријават за учество во работилницата  со работен наслов „МРТ и АВМУ во медиумскиот систем на РМ: обврски кон јавноста и влијание на јавноста врз нивната работа“.

Во крајно поларизираната и политизирана јавна сцена во Република Македонија, на медиумите се гледа и нивната работа се оценува, пред сѐ, од аспект на нивната функција како извор на информации и вести. Таквиот приод се применува и на јавниот радиодифузен сервис, наспроти фактот што според законодавството што ја уредува неговата работа и меѓународните стандарди, информативната функција е само еден дел од неговата мисија, која во најмалку подеднаква мера ги вклучува и функциите на едукација и забава.

Работилницата ќе се фокусира на местото што јавниот радиодифузен сервис го има во националниот систем за радиодифузија, неговите законски обврски и обврските во заштитата на интересите на јавноста и граѓаните, обврските кон различните интересни групи и чинители во општеството, како и можностите за влијание врз работата на јавниот радиодифузен сервис и барање отчетност што им стојат на располагање на граѓаните и на јавноста, а особено на граѓанските организации како претставници на интересите на своите конституенти.

Дополнително, работилницата ќе посвети внимание и на регулаторното тело во областа на радиодифузијата, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, односно нејзината законска поставеност и улогата и местото што ја има во медиумскиот систем на Македонија.

Работилницата е првиот чекор во процесот на формирање на неформална група на организации од различни области што се заинтересирани за следење и влијание врз работата на МРТ и на АВМУ, а со цел да обезбедат остварување на интересите на нивните конституенти, како и на јавноста во целина.

Обуката ќе ја спроведуваат претставници на ЦРМ и Д-р Климе Бабунски од организацијата ПРО МЕДИА, од Скопје.

Обуката ќе се одржи во Скопје, на 28 февруари 2018 година (за точната локација ќе бидете известени дополнително).

Ве молиме потврда за учество на вашата организација со името на учесникот да ни испратите на адреса dejan@mdc.org.mk, или по телефон на 078 483 102