Фондацијата Македоника оваа недела ќе го презентира проектот „Мултикултурна повеќејазична дигитална библиотека“ на две локации. Велешани  ќе имаат можност да се информираат на 16 јуни во 19 часот во локалната библиотека „Гоце Делчев“, додека пак во Гостивар презентацијата ќе се одржи на 18 јуни во 12 часот во малата сала на Центарот за култура во Гостивар.

Дигиталната библиотека ќе биде наменета за млади и непознати автори кои пишуваат проза, поезија или драмски текстови, а досега не добиле можност да ги објават своите дела.

„Можност да учествуваат имаат сите млади автори од етничките заедници од Република Македонија, регионот и дијаспората. Од сите пристигнати текстови, издавачката комисија на проектот ќе одбере 12 дела од автори од секоја етничка заедница кои ќе бидат обавени во бесплатната дигитална библиотека. Делата ќе бидат објавени двојазично, на македонски јазик и на мајчиниот јазик на авторите“, изјави Андреа Ичокаева Бундалевска, дел од тимот на Фондацијата.

Активностите започнаа месецов, а ќе траат до 31 мај наредната година. Авторот на делото кое ќе биде прогласено за најдобро ќе биде награден со таблет.

Во рамките на дигиталната библиотека ќе се организира и социјален форум каде читателите ќе ги коментираат и оценуваат објавените текстови.

Фондацијата за негување на македонското културо наследство „Македоника“ од Скопје е корисник на акциски грант од Цивика мобилитас.