Фондација за локален развој и демократија Фокус  одржа работен состанок со претставници на бизнис заедницата во Велес. Тие имаа можност да слушнат за нејзината мисија и визија, за проектите кои ги реализирала во изминатиот период од нејзиното постоење како и за плановите и проектните идеи што има намера да ги реализира во иднина.

Финансискиот менаџер Димче Велев и извршната директорка Убавка Јаневска, побараа поддршка и соработка од бизнис секторот во Велес за заедничко аплицирање на проектни идеи и реализирање активности за добротo на целата заедница.

Пред дел од бизнисмените беа презентирани две проектни идеи, едната со работен наслов „Сончева Македонија“ и другата за обновување на познатиот велешки еснаф што постоел во минатото и во него членувале истакнати личности и занаетчии.

Претставниците на бизнис заедницата дадоа несебична поддршка за проектните идеи на Фокус, дополнувајќи ги со нови и конкретни иницијативи. Управителот на градежната фирма „Афион“, Аце Коцевски, изјави дека за реализирање на проектите неопходна е соработката со државните институции и посочи да се земат предвид винскиот, селскиот и езерскиот туризам.

Билјана Саздова, член на Комисијата за надзор на Фондација Фокус даде предлози кои треба да обезбедат подобра промоција на фирмите, а со користењето на добар маркетиншки пристап да се привлечат поголем број на гости и посетители од државата за манифестации кои традиционално се организираат во Велес.

Претставниците на компаниите истакнаа дека во изминатиот период немале меѓусебна соработка и не се одржувале средби од овој вид, по што го прифатија предлогот на Фондација Фокус за вмрежување и формирање на Конзорциум. Ова е особено важно за подготвените проектни апликации кои ќе бидат испратени кај донатори за обезбедување на финансиски средства наменети за подобрување на условите за живот на граѓаните во локалната заедница.

Фондација за локален развој и демократија Фокус  е корисник на институционален грант од Цивика мобилитас. За повеќе информации посетете го нивниот профил.