bitola tribinaЗдружението на граѓани „Сведок“ – веб порталот Сведок и Здружението на новинарите на Македонија – ЗНМ, во Битола организираа работилница за новинари на тема „Јавноста во кривичната постапка“, како дел од проектот „Мониторирај и известувај, фаза 1 Истрага“, поддржан од Цивика мобилитас, што го спроведува „Сведок“.

На работилницата присуствуваа новинарите од Пелагонискиот регион, локалните медиуми и дописниците за националните медиуми, кои активно дискутираа за проблемите со кои се соочуваат во текот на известувањето од судските постапки и од можноста да добијат информации.

Саше Димовски од здружението на граѓани „Сведок“ – веб порталот „Сведок“ (www.svedok.org.mk) објасни дека во серија постапки од кои јавноста намерно или ненамерно се исклучува и затоа новинарите треба да ги познаваат прописите и правата кои ги уживаат за правилно информирање од настани што се во надлежност на судството.

Rabotilnica SVEDOK

Работилницата со новинарите се одржа само ден по одлуката на Уставниот суд да ги исклучи новинарите од седницата или претходниот случај за следење на предметот „Диво насеље“ кога новинарите останаа пред судот бидејќи немало доволно место.

Преку овие примери и новините на Законот за кривична постапка на новинарите им беа презентирани можностите кои треба да ги користат, но во исто време да ги познаваат и ограничувањата при известувањето во случаи каде што судењата се тајни според закон (малолетници, заштитен сведок, развод, лични и семејни прилики) како и да знаат со какви санкции може да се соочат.

На битолските новинари за време на работилницата им беа подарени книгите „Јавност во кривичната постапка“ и „Заштитениот сведок како инструмент во македонскиот правен систем“ во кои се објаснети судските постапки.

На работилницата, свое излагање имаше и Милка Бизеска, судија и портпарол на Основниот Суд во Битола, која рече дека за присуството на медиумите во судски процеси има постапка уредена со судскиот Деловник, а дозвола за снимање со решение дава Врховниот суд, кој определува кои делови може да се снимаат.

– Судијата има право да каже дека одредени делови не може да се снимаат, и ако оцени, да ја исклучи јавноста. За присуство на медиумите има позната постапка уредена со судскиот Деловник, дозвола за снимање со решение дава Врховниот суд кој определува кои делови може да се снимаат. Судијата може да донесе одлука дали може да биде сниман иако тоа некому може да пречи, а некому не. Моето лично искуство од досегашната пракса е позитивно во однос на контактите со новинарите, субјективни пречки кај судиите не постојат, а објективните пречки поврзани со просторот постојат и во Основен Суд-Битола бидејќи ние имаме само една голема судница во која може да присуствуваат 50 луѓе и тоа не е вина на Судот во однос на бројот на присутни заинтересирани лица и новинари. Генерално мислам дека станавме транспарентни и отворени, имаме Канцеларија за односи со јавност и веб страница на која секојдневно даваме информации за сите случувања во Судот, нагласи судијата Бизеска.

Според Насер Селмани, претседател на ЗНМ, работилницата ќе придонесе за подобра информираност на новинарите, односно известувајќи за одредени настани да не направат грешка заради непознавање на одредени законски прописи и регулативи од темата чиј фокус беше јавноста во кривичната постапка.

Новинарите констатираа дека имаат добра соработка со Основниот суд во Битола, додека обвинителството е целосно затворено за соработка. Пред Апелациониот суд во Битола речиси и да не следеле судски постапки.

Сведок, во соработка со ЗНМ планира да ги интензивира овие трибини и да дискутира со новинарите од сите региони во РМ за следењето на судските постапки и начинот на информирање од нив, бидејќи во периодов се очекува зголемен број на судења по постапките што се покренати од Специјалното јавно обвинителство.