Оваа студија ги анализира состојбите и предизвиците со основните комунални услуги и дава препораки како да се унапреди заштитата на правата и интересите на корисниците на услугите.
Комуналните услуги значително влијаат на семејниот буџет и на квалитетот на живот на граѓаните. Во однос на влијанието врз семејниот буџет, како показател можеме да ги земеме објавените податоци за минималната потрошувачка кошничка за едно четиричлено семејство, објавени од Сојузот на синдикатите на Македонија. Според пресметките на ССМ, минималната кошничка за февруари 2016 година изнесувала 32.325 денари.1 Со тоа, вкупните месечни трошоци за јавни услуги – вклучително и комуналните услуги – изнесуваат 10.617 денари или една третина од семејниот буџет. И покрај тоа што издвојуваат значаен дел од своите приходи за основните комунални услуги, граѓаните честопати не се целосно задоволни од нив, а истовремено сметаат дека се немоќни да влијаат на подобрувањето на состојбите поради монополската или доминантната позиција на давателите на услугите.