Уште од стекнувањето независност во 1991 г., системот на социјална заштита во Република Македонија се соочуваше со многу предизвици: зголемен број на социјални ризици со кои требаше да се справи, зголемената побарувачка за социјална помош, намалените финансиски ресурси, како и со недостигот од навремено собрани, унифицирани и компаративни социјални статистички податоци, кои би послужиле како основа за креирање наменска социјална политика. Некои од овие предизвици сè уште се присутни и се надополнети со нови проблеми, како што е сè поголемото осиромашување на населението, што е особено видливо помеѓу жените. Реформите на системот за социјална заштита иницирани со процесот на
децентрализација во 2004 г. налагаа пренесување на одредени надлежности од областа на социјалната заштита врз локалната власт. Овој процес се соочи со недостиг од финансиски, административни и кадровски капацитети, што доведе до тоа да бидат неопходни нови видови интервенции во политиката.