Искуството од следењето на спроведувањето на јавните набавки во Република Македонија покажува недоволно учество во јавните набавки, особено според вредноста на добиените тендери, на малите претпријатија и на микропретпријатијата. Застапеноста на микропретпријатијата на пазарот на јавни набавки е мала и несразмерна во однос на нивниот вкупен број, значење и улога што ја имаат овие претпријатија во локалните средини, но и во вкупната економија на земјата. Овие претпријатија се соочуваат со недоволна информираност за јавните набавки, непознавање на регулативата и на начинот на спроведувањето на јавните набавки, недоволна доверба во јавните набавки, како и со низа административни и други пречки во практиката на спроведувањето на јавните набавки.