Проблемот со невработеноста на младите Роми, е од суштинско значење за економскиот и социјалниот развој во земјата. Доколку земеме предвид дека стапката на невработеност кај Ромите е околу 5% од вкупниот број невработени во земјата, но во рамките на својата заедница таа е двојно повисока од онаа кај не-ромско население, а тоа ни укажува дека се работи за сложен предизвик за засегнатите страни кои нудат интегриран пристап за изнаоѓање на решение за надминување на ситуацијата. Имено, според податоци од 2011 година за Македонија стапката на невработеност кај Ромите е 53% додека во истиот период кај не-ромското население стапката на невработеност е речиси половина т.е. 27%. Бројот на невработени лица од ромска националност според податоците на АВРМ во последните три години во апсолутен број драстично се зголемил (во 2013 вкупниот број на невработени Роми изнесувал 1.743, во 2014 изнесувал 5.842, а во 2015 година 6.234 лица) што не укажува нужно на зголемување на невработеноста кај оваа етничка заедница туку,
можеби на зголемување на бројот на регистрирани баратели на работа во евиденцијата на АВРМ. Драстичното зголемување на бројот на невработени лица во овие години се должи на зголемување на бројот на евидентирани невработени кои се без стекнато образование како и зголемување на бројот на лица со стекнато основно образование. Ниското ниво на образование и високата стапка на невработеност ја нагласува стапката на сиромаштијата на Ромите.