Ова истражување е спроведено во рамките на проектот „Едукација на социјалните работници за подигнување на свеста за туберкулозата, со особено внимание на ромското население“, кој е поддржан од Министерството за здравство преку донацијата за туберкулоза (ТБ) на Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија. Целта на истражувањето е да се добие подобра слика за знаењата, ставовите и практиките поврзани со туберкулозата меѓу семејствата што користат социјална парична помош во Република Македонија. Наодите од ова истражување може да им послужат на професионалците и на креаторите на политика при планирање на идните стратегискоориентирани активности насочени кон превенција и контрола на туберкулозата меѓу населението во Република Македонија.