ЗИП ИНСТИТУТ
Објавено: 02/03/2016
ЗИП Институт е организација насочена кон изготвување и дисеминација на високо- квалитетни, објективни и сеопфатни идеи и анализи од национално значење за демократизацијата и интеграцијата на Македонија во ЕУ. ЗИП се стреми да стане гласноговорник во процесот на демократизација на земјата и ја нагласува нејзината важност преку адресирање на најчестите проблеми со кои се соочува нашето општество. ЗИП е специјализиран во две клучни области: воведување на нови начини на неформално образование првенствено кај младите луѓе; и истражување на реформите во јавната администрација и локалната самоуправа. Во текот на досегашното работење ЗИП Институт солидно се вмрежува со организации блиски до нивната мисија и визија. Членка е на Коалицијата за буџетски мониторинг – ЦЕА, Акциската мрежа за добро владеење – Метаморфозис, и Граѓанската мрежа за спречување на конфликт на интереси во јавната администрација – ИДСЦС.
Конституенти
Скопско муфтиство при Исламската верска заедница (ИВЗ), Скопска епархија при Македонска православна црква (МПЦ), граѓаните на општините опфатени со проектните активности, поповите и оџите како директни актери.
Претходно искуство
ЗИП Институтот до сега спровел неколку проекти: „Бива ли без книшка- механизми на вработување на локално ниво во Р. Македонија“ – истражувачки проект кој се фокусира на идентификација на коруптивни, нефер и нетранспарентни процеси на вработување во јавната администрација во општините Чаир, Студеничани, Гази Баба и Центар. „Опре!“ – проект кој беше насочен кон здравствена едукација и свест на Ромите, со цел да им се овозможи на младите Роми да го реализираат својот целосен потенцијал во генерирање на сигурна, здрава и продуктивна работна сила во поширокото општество. „Civil Democratic Development – Civil De-De“ – проект насочен кон подобрување и зајакнување на капацитетите на македонските граѓански организации како и тие од Западен Балкан кои се фокусираат и работат на прашања поврзани со корупција, организиран криминал, и нелегалната миграција, преку споделување на најдобрите практики и обезбедување на помош лице-в-лице.
Наслов
Имамот или попот? Било кој, само во улога на мирот да е!
За што е потребна акцијата
Поставувањето верски и етнички симболи и злоупотреба на верата и нацијата заради остварување на одредена политичка цел е актуелна тема. Имајќи предвид дека населението е поделено на верска основа на две поголеми групи (православни и муслимани) постои ризик на поделби, а со тоа ризик за нарушување на мирот и толеранцијата. Институциите на верата, како ИВЗ и МПЦ се злоупотребуваат, а верските службеници индиректното се вовлекуваат во одбрана или напад на одреден гест на другата заедница, кој што ниту е осмислен ниту поставен од нивна страна. На овој начин, верските заедници се ставаат во позицијата на дежурни бранители на одредени дела на политиката.
Цели и резултати
Цел
Зајакнување на општествениот мир преку воспоставување добри релации на теренските службеници на конфесиите (оџите и поповите), реадресирање на нивната улога во јавниот живот и правилниот пренос на пораки на верските обреди (литургии и намази).
Резултати
- Видно променета перцепција на верскиот соживот, преку одржани заеднички собири на верниците и верските службеници, остварени меѓусебни посети на поголемите верски празници, заедничко учество на верските службеници на социолошки предавање за реадресирање на улогата на верскиот свештеник;
- Воспоставена комуникација на свештениците за одреден проблем кој што ги засега двете заедници од истиот крај подеднакво, и заеднички настап на свештениците на прес конференција каде што се дадени пораки за соживот и толеранција;
- Амортизирано влијание на политиката врз верата со точен пресек на улогите на сите чинители на општествениот соживот, преку пишан заеднички став на двете организации адресирано до сите медиуми и политички партии, со јасно напишана намера за осуда на сите тенденции за злоупотреба на верата за со цел делење на партијата од вера;
- Добро информирани свештеници, и правилно обучени за нивната улога кон одржлив мир.
Активности
- Прес конференција за обележување на почетокот на проектот;
- Теренско истражување за степенот на верската толеранција во Ѓорче Петров и Сарај преку организирање на фокус групи (две, по една од секоја верска заедница) со верските службеници и дел од верниците заради утврдување на верската нетрпеливост на верниците;
- Четири еднодневни обуки за свештениците/оџите за правилно пренесување на пораки на верските собири во џамија односно црква;
- Организирање на отворени денови на црквата (Црква св. Апостол Петар и Павле, Ѓорче) и на џамијата (Хусеин Шах Џамија, Сарај);
- Взаемни посети на свештениците за време на големите празници (Успеније на Пресвета Богородица, 28 Август 2016 и Курбан Бајрам, 12 Септември 2016);
- Финална конференција за презентирање на резултатите од проектот.
Буџет
399.930 МКД