Здружението за рурален развој Локална акциона група агро лидер Кривогаштани е доброволно, непрофитно, невладино, непартиско здружение, формирано со слободно здружување.

Основањето на ЛАГ Агро лидер – Кривогаштани овозможува заедничка соработка на јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор, а преку информирање, едукација и активирање на населението ќе обезбеди долгорочен развој на руралните средини на територијата на општините Долнени, Кривогаштани и Крушево.

ЛАГот официјано е формиран на 15.08.2014 година и брои вкупно 25 членови.

Главна цел и задача на Агро лидер Кривогаштани е да промовира и придонесе кон одржлив рурален развој на територијата на општините Долнени, Кривогаштани, Крушево преку иницијативи, партнерства и користење на постоечкиот ендоген потенцијал.

Конституенти:
Претставници од јавниот сектор (општините Кривогаштани, Долнени и Крушево); претставници на приватниот сектор (приватни субјекти од бизнис секторот на оваа територија); и претставници од граѓанскиот сектор (11 граѓански организации како: Центар за едукација и развој, Младинска мултикултурна заедница, Хуманост кон младите, Здружение на лица и родители на лица со епилепсија, Здружение на лица со телесен инвалидитет, организации од секторот спорт и животна средина).

Наслов: Предводи ја промената

За што е потребна акцијата
Во согласност со Законот за социјална заштита и Националната програма за социјална заштита 2011 – 2021, секоја општина треба да подготви годишна програма за социјална заштита и за потребите на граѓаните. Во урбаните општини, програмите за социјална заштита се фиктивно изработени. Програмите не се во согласност со методолошките критериуми и не се базирани на инклузивни и проактивни анализи и истражувања на реалната состојба на маргинализираните групи. Во сите општини, недостатокот на финансиски средства е основна пречка за имплементација на програмите. Целните групи мора, барем најмалку, да имаат основна програма која што ќе влијае на остварувањето на основните човекови права.

Во целните општини (Кривогаштани и Долнени) нема воспоставено механизам за учество на маргинализираните групи во процесот на донесување на одлуки на општинско ниво. Исто така, нема ниту една програма што се однесува на социјална заштита на маргинализираните групи. Со недостигот на правни механизми, маргинализираните групи ги немаат ни основните човекови правa.

Цели и резултати

Цел

Главна цел на проектот е да се подобри состојбата на маргинализираните групи со ангажирање на заедницата (локалната самоуправа и граѓанскиот сектор) и зајакнување на системот за социјална заштита и превентивна заштита на сите општински сектори и нивоа.

Специфични цели на проектот се:

  1. Зајакнување на соработката меѓу локалната самоуправа, маргинализираните групи и граѓанскиот сектор
  2. Создавање на општинска стратегија за социјална заштита на маргинализирани групи
  3. Воспоставување на механизам за комуникација и поголемо учество на маргинализираните групи во процесите на донесување одлуки на општинско ниво.

Резултати

  • Подготвена Стратегија за социјална заштита на маргинализирани групи во општина Кривогаштани и Долнени
  • Идентификација на клучните проблеми поврзани со социјална заштита на маргинализирани групи на општинско ниво
  • Воспоставена комуникација и соработка помеѓу маргинализираните групи, локалната самоуправа и граѓанскиот сектор
  • Имплементација на дел од стратегијата во наредните 6 месеци

Активности

  1. Подготвителни активности. Склучување соработка и потпишување меморандум за соработката Организирање на форуми со формални и/или неформални маргинализирани групи, локалните самоуправи, Центарот за социјална работа и други релевантни чинители.
  2. Национална конференција. По завршувањето на форумите, проектниот тим, експерт и релевантни лица од областа на социјална заштита ќе ги подготват стратегиите. Така подготвените стратегии ќе бидат презентирани на Национална конференција со цел сите засегнати страни да се запознаат со истите.

Временска рамка: 01.3.2017- 31.12.2017

Буџет: 360.000МКД

Веб страница