Здружението „БОРКА – За секој нов ден“ е невладина, непрофитна организација, основана за поддршка на граѓаните, пациентите, нивните семејства и здравствените организации во борбата против сите видови на рак во РМ.  Потребата за формирање на „БОРКА“ се наметна како резултат на постојната состојба во здравството во Република Македонија, а имајќи ја предвид решеноста на нашата земја да ги интензивира реформите во оваа област. Во Македонија постои потреба од здружение кое генерално ќе ги третира сите видови на рак и кое ќе се бори против ракот генерално, но и поединечно против различните видови на рак. „БОРКА“ е формирана за да помогне да се пополни оваа празнина во граѓанскиот здравствен сектор и да соработува со сите вклучени релевантни фактори. Во својата работа Здружението се фокусира кон поддршка на пациентите заболени од рак, пошироката јавност, јавните здравствени институции, невладиниот сектор, во нивните напори да спроведат активности кои ќе се спротивстават на сите видови на рак.

Конституенти

Пациентите кои се заболени од малигни заболувања, нивните пријатели, нивните роднини, популацијата во Македонија.

Наслов

Избирам живот – Ресоцијализација на жени после рак на дојка

За што е потребна акцијата

Светските истражувања и анализите на Борка укажуваат дека ракот на дојка кај жените е болест која го трансформира нивниот живот и има траен ефект врз нивното ментално и физичко здравје. Тоа е причината зошто повеќето жени кои преживуваат рак на дојка избираат да останат дома или да не бараат работа. Овие жени имаат основно право на вработување, здравство и финансиска сигурност за поквалитетен живот. Како последица на болеста кај нив се јавуваат следните проблеми: физички ограничувања, емотивна нестабилност и когнитивни проблеми. Кај оваа целна група е согледана потребата од програми за враќање на работа; групи за поддршка и рехабилитација под контрола на физиотерапевт, психолог и правно лице за објаснувања на нивните права и можности.

Цели и резултати

Цел

Зголемен број на жени што преживуваат рак на дојка се враќаат на работното место или влегуваат на пазарот на труд.

Резултати

  1. Зголемено знаење и споделување на искуства кај давателите на здравствени услуги за предизвиците кај жени кои преживеале рак на дојка и се враќаат на работа;
  2. Зголемена информираност и вмрежување на жените кои преживуваат рак на дојка за предизвиците при враќање на работа или пазарот на труд;
  3. Зголемена информираност/кампања во јавниот и здравствениот сектор за предизвиците при враќање на работа кај жените кои преживеале рак на дојка.

Активности

  • Работилница за давателите на здравствени услуги на тема ресоцијализација за жени кои преживеале рак на дојка (споделување искуства, вмрежување, истакнување на предизвиците за недостаток од информации, некоординирана нега и недоволна психосоцијална поддршка);
  • Платформа- он лајн мрежа за помош и ресоцијализација на жените што преживеале рак на дојка;
  • Организација на групи за поддршка за споделување на информации и стратегии за справување со предизвикот за враќање на работа (со неделна понуда на физиотерапевт, психолог, правно лице);
  • Виртуелен простор за споделување на информации и добивање поддршка (правна и психолошка) за предизвиците при враќање на работа;
  • Печатење на брошура за побрз процес на ресоцијализација кај жените што преживеале рак на дојка;
  • Јавна кампања за предизвиците при враќање на работа кај жените што преживеале рак на дојка;
  • Организација на серии на состаноци за презентација на потребата од програма за ресоцијализација на жени што преживеале рак на дојка.

Буџет

515.000,00 МКД