Здружение Центар за човекови права и разрешување на конфликти
Објавено: 12/12/2017
Центарот за човекови права и разрешување конфликти е организација која примарно се бави со истражувања и едукација, базирани на следниве основни цели: (А) да им помогне на граѓаните на Република Македонија да земат активна улога во разрешувањето на навидум нерешливите конфликти, вкоренети во етничките и други разлики; и (Б) да го промовира концептот на човековите права и базичните слободи, како суштински дел од политичката, судската и општествената трансформација која се одвива во државата.
Постигнивањето на основните цели е базирано на превземање на различни активности во рамките на трите клучни области: дисеминација на знаења од областа на човековите права и слободи, подигање на свеста за конструктивно разрешување на конфликтите и поттикнување на интегративните процеси на живеење во мултикултурно општество во кое се негуваат отворени односи на меѓусебно признавање, интеракција и меѓузависност. Активностите на Центарот се концентрирани на шест поголеми области: развивање едукативни програми; спроведување обуки за едукатори и други учесници; организирање и помагање на дијалози и тркалезни маси; дизајнирање и спроведување на истражувачки проекти; пишување и објавување книги, прирачници, брошури, статии; и давање консултации и експертиза на локални и меѓународни организации.
Конституенти
Непосредна целна група се учениците Македонци и Албанци од основното образование, но подолгорочно гледано, со акцијата се цели и на граѓаните на Република Македонија општо.
Наслов
ОД ЕТНИЧКИ ДО ГРАЃАНСКИ НАЦИОНАЛИЗАМ ПРЕКУ ОСНОВНОТО ОБРАЗОВАНИЕ
За што е потребна акцијата
Бројни истражувања укажуваат на тоа дека образовниот систем во Република Македонија поттикнува етноцентризам кој ја става индивидуата во функција на својата етничка заедница и води кон етнички национализам, придонесувајќи на тој начин за засилување на етничката поделба во општеството, наместо да се фокусира на промовирање на концептот на споделено граѓанство во демократско општество и развивање на граѓанскиот национализам кој неминовно води кон зголемена општествена кохезија. Истражувањата во светот (и некои прелиминарни истражувања спроведени во нашата земја) покажуваат дека етничкиот идентитет се гради на рана возраст, уште додека децата се во основно училиште. Во услови на образование што е поделено по етничка линија, освен наставниците, и самите учебници се јавуваат како битен фактор на формирање на ставовите на учениците кон својата етничка заедница и кон својата земја. Анализите на учебниците (особено на оние по историја) покажува дека начинот на претставување на историјата и културата на различните етнички заедници што живеат во Македонија (особено на албанската и македонската) во голема мера придонесува за растечкиот етноцентризам и етничкиот национализам кај припадниците на овие етнички заедници.
Цели и резултати
Цел
Акцијата има за цел да овозможи учебниците во основното образование да се користат како алатка за засилување на граѓанскиот на сметка на етничкиот национализам.
Резултати
- Идентификувана е важноста на етничкиот идентитет во однос на другите социјални идентитети (меѓу кои и националниот идентитет) кај учениците Македонци и Албанци на возраст од 11 и 14 години.
- Идентификувани се пораките (формални и неформални) што учениците Македонци и Албанци ги добиваат во текот на основното образование, а врз основа на кои го градат својот однос кон Република Македонија како нивна земја (националниот идентитет) и својот однос кон етничката заедница на која ѝ припаѓаат (етничкиот идентитет).
- Понудени се промени во учебниците за основното образование што ќе овозможат образованието да се користи како алатка за засилување на граѓанскиот идентитет на сметка на етничкиот.
- Образовните чинители и пошироката стручна јавност се запознати со потребата и можноста за користење на основното образование за градење на граѓанскиот идентитет
Активности
- Емпириско истражување за мерење на важноста на етничкиот идентитет во однос на другите социјални идентитети (меѓу кои и националниот идентитет) кај учениците Македонци и Албанци на возраст од 11 и 14 години преку посебно изготвен инструмент;
- Емпириско истражување за утврдување на ставовите на истите ученици кон Република Македонија и кон своите етнички заедници;
- Анализа на учебниците од општествената група предмети во основното образование заради утврдување на содржините/пристапот преку кои се поттикнува етничкиот национализам и заради воведување нови содржини и активности преку кои би се засилувал граѓанскиот национализам;
- Ревизија на постоечката концепција за изработка на учебник и методологија за вреднување на учебник заради усогласување со резултатите од спроведената анализа;
- Организирање промотивен настан за запознавање на образовните чинители и пошироката стручна јавност со потребата и можноста за користење на учебниците за засилување на граѓанскиот идентитет на сметка на етничкиот.
Буџет: 400.000 МКД
Времетраење: 1.9.2017 – 30.6.2018