Здружение Радика-ДЕ Дебар
Објавено: 02/03/2016
Здружението Радика- ДЕ од Дебар веќе десетина години активно работи на акции поврзани со подобрување на квалитетот на живеење на луѓето од регионот. Мотивирани од потребата за граѓански активизам и ублажување на многуте проблеми и потреби, нашиот тим со голем ентузијазам на волонтерска основа имплементира многу активности од областа на: човекови права, образование, родова еднаквост и сл. Реализираме многу социо- економски и културни активности со кои од година во година сме се повеќе препознатливи во регионот. Работиме тимски, одговорно и постојано сме меѓу целните групи (претежно млади и жени – посебно од руралните средини на регионот ). Нашата визија е развиен Дебарско– Рекански регион на социо- економски, образовен и културен план. Имаме постигнато видни резултати на полето на едукација, еманципација и промоција на културните вредности во Дебарско- Реканскиот и пределот на Жупа.
Конституенти
Младите и жените од руралните средини на општините Дебар, Маврово Ростуше и Центар Жупа.
Наслов
Потребите и предизвиците на руралните жени
За што е потребна акцијата
Во руралните средини на регионот Дебар -Центар Жупа и Маврово Ростуше, живеат жени од различни етнички заедници (Македонки, Албанки, Турчинки, Ромки и други) и околу 80% од жените се со понизок степен на образование, невработени и без никакви можности за било каков напредок. Мал број од жените се граѓански активни и недоволно поттикнати и мотивирани да заживее граѓанскиот активизам во овој регион. Недоволна е нивната информираност околу тоа какви се нивните права и што се можат жените од руралните средини да превземаат за да си го подобрат квалитетот на својот живот. Се уште, за жал за оваа категорија на жени времето како да застанало, чувствуваат голема дискриминација и се со ограничени можности и знаења околу тоа кој е пристапот, колкави се надлежностите на ЕЛС и како проблемите кои се наталожиле би се ублажиле или целосно надминале. Неопходна им е информираност, средби и посети на нивните населени места, испитување на нивните потреби, размена на мислења и изнаоѓање можности за нивно ублажување. Се чувствуваат заборавени „Посетени сме од време на време и тоа само пред избори …..и на тие средби одат само нашите мажи, а ние нема каде да ги искажеме нашите проблеми и потреби“ како што велат тие. Граѓанските иницијативи, јавните настапи, организирањето на локални акции, дружењето на мултиетничка основа се добра можност нешто да се почне со овие жени, барем да се охрабрат и да се мотивираат да бидат граѓански активни, да споделуваат мислења, да се дружат, јавно да го искажат своето незадоволство и да не се чувствуваат дискриминирани во своите заедници каде што живеат.
Цели и резултати
Цел
Подобрување на квалитетот за живеење на жените од руралните средини на трите општини, преку нивна еманципација и зголемено граѓанско учество, како и предлагање на приоритети проследени со реализирање на добри локални акции.
Резултати
Поттикнати и охрабрени околу 30 жени од руралните средини граѓански да се активни, јавно да го искажат своето мислење и да предлагаат приоритети за кои преку локални акции ќе се бараат решенија за нивно ублажување или целосно решавање.
Активности
- Организирање јавни средби со рурални жени од селата Могорче,Горно и Долно Косоврасти ,Броштица и Коџаџик, Велебрдо, Скудриње- разгледување на проблемите со кои се соочуваат;
- Организирање на три фокус групи од трите општини- избор на приоритети;
- Организирање средби во ЕЛС на трите општини –Тимска работа;
- Организирање на Локални акции за ублажување или решавање на горлив проблем предложен од самите жени;
- Организирање на промоција на активностите и дружење на жените.
Буџет
340.000,00 МКД