ЗДРУЖЕНИЕ НА СОЦИЈАЛНИ РАБОТНИЦИ НА ГРАД СКОПЈЕ
Објавено: 29/08/2018
Здружението на социјални работници на град Скопје со своите активности во сферата на социјалната заштита е значаен фактор што придонесува за остварување на активности во подрачја каде што државата не е во состојба да делува, а кои можат да придонесат за намалување на економските и социјалните проблеми. Стратегија на здружението е помагање на граѓаните кои се наоѓаат во состојба на социјален ризик, унапредување на стручните знаења на социјалните работници и лицата кои сакаат да ги усовршат своите знаења во одредени области.
Визија: Континуирано унапредување на професионалните капацитети и знаења на социјалните работници што ќе им овозможи да се во тек со достигнувањата и методите на работата во областа на социјалната заштита, со цел активно вклучување во унапредување на социјалната заштита и политика во државата.
Мисија: Помагање на граѓаните кои се наоѓаат во состојба на социјален ризик, подготовка на стручни помагала за унапредување на социјалната работа, следење на трендовите на социјална работа во другите земји, иницирање на нови форми на социјална заштита и социјална работа во склад со појавата на социјалните состојби.
Конституенти
Државните институции кои работат на полето на спроведување на Законот за семејно насилство, НВО секторот кој работи на полето на семејно насилство и граѓаните кои се засегнати со овој проблем.
Наслов
Предизвици и дилеми во спроведување на Законот за семејно насилство
За што е потребна акцијата
Суштината на Законот за семејно насилство предвидува одговорно и должно постапување и меѓусебна соработка на институциите и здруженијата како и превенција и заштита. За време на постапките, вработените во институциите се должни да постапуваат итно и со должно внимание на интересите и потребите на жртвата. Од досегашната примена на Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство во пракса спроведувачите се соочуваат со низа проблеми поврзани со неговата ефикасност како и координативна работа на институциите. Медиумите, граѓаните и невладините организации кои работат на оваа проблематика се незадоволни од спроведувањето на Законот, како и од недостатокот на соодветна статистика за жртвите. Тоа ја потенцира потребата од анализа на досегашното функционирање на Законот и работата на институциите.
Цели и резултати
Цел
Мониторинг, анализа, координација и план помеѓу институциите за спроведување на Законот за семејно насилство.
Резултати
- Добиени информации за преземените мерки и начинот на работа од страна на институциите;
- Споделување на искуства на лицата од институциите од другите градови низ Македонија;
- Подобрена комуникација помеѓу институциите;
- Подобрена меѓусебна соработка на институциите и НВО секторот;
- Дадени препораки за унапредување на начинот на планирање и спроведување на политиките, мерките и квалитетот на социјалните услуги.
Активности
- Спроведување подготвителна фаза, во која сите предвидени учесници и одредени електронски и печатени медиуми ќе бидат информирани за планираните активности на проектот;
- Организирање на три форуми со претставници од локалната самоуправа, центрите за социјална работа, Министерство за труд и социјална политика, Министерство за внатрешни работи, Министерство за образование и наука, Министерство за правда, невладините организации, Институтот за социјална работа и социјална политика при Филозофскиот факултет.
- Печатење на конечен извештај од заедничката работа, соработка и постигнатите резултати, како и предлагање на конкретни активности кои ќе бидат преземени за семејно насилство, постапување со жртвите и сторителите.
Буџет: 200.000 МКД
Времетраење: 1.7.2018– 15.9.2018