ЗДРУЖЕНИЕ НА ГРАЃАНИ „ЗАШТИТА НА ПРАВАТА НА ДЕТЕТО“
Објавено: 24/08/2018
Здружението на граѓани „Заштита на правата на детето“ (ЗПД) е непрофитна граѓанска организација, основана со мотивација да ја промовира заштитата на правата на детето, да ги застапува децата во остварување на нивните права, да ја мобилизира заедницата околу клучни прашања поврзани со правата на децата и нивно прекршување, како и да го пополни вакуумот оставен од надлежните органи во давање на услуги на ранливи категории деца.
Визијата на ЗПД е да создаде свет во кој детето ќе ги ужива и остварува своите права на ментална, физичка и социјална благосостојба според највисоки стандарди и ќе може да оствари хармоничен развој на личноста, таа да расте во семејна средина во атмосфера на среќа, љубов, почит, сигурност и разбирање.
Мисијата е почитување и заштита на правата на детето или на неговиот родител или законски застапник загарантирани со Конвенцијата за правата на детето, без дискриминација.
ЗПД делува на локално и национално ниво. На локално, здружението е клучна алка во синџирот на остварување на детските права на децата од општина Шуто Оризари, додека на национално тоа е активно во креирање политики, стратегии, закони, како и преку влијание за позначајно и соодветно преточување на одредбите од Конвенцијата за правата на децата во националното законодавство.
Конституенти
Ромски деца на улица на возраст од седум до 15 години и деца извидници од Првиот скопски извиднички одред (ПСИО).
Наслов
Вклучување на децата на улица преку неформално образование
За што е потребна акцијата
За правилниот развој на децата на улица треба секојдневно да се работи и да се следи. Стекнувањето и усвојувањето на социјални вештини и неформалното образование се подеднакво важни како и развивањето на нивниот капацитет. Работата со родителите преку индивидуални средби има важна психолошка улога во одгледувањето, воспитувањето и развојот на детето, особено во делот за спречување на запоставување и злоупотреба на децата, спречување малолетнички бракови кај девојчињата, вклучување во образовниот процес но и нивно задржување.
Цели и резултати
Цел
Целта на акцијата е да се придонесе децата на улица да бидат социјализирани со други деца и да им се пружи неформално образование.
Резултати
- Стекната функционална писменост и социјални вештини;
- Подигната родителската грижа и одговорност;
- Поттикната соработката со други деца и развиена комуникација;
- Поголема видливост во заедницата и пошироко за потребите на деца на улица.
Активности
- Неформална едукација/описменување и стекнување социјални вештини на децата згрижени во Дневниот центар;
- Организирани заеднички средби со родителите;
- Учество на 20 деца од Дневниот центар во Национален камп за деца и млади во Скребатно со извидници од ПСИО;
- Учество на 30 деца од Дневниот центар за деца на улица во Извиднички центар „Далјан“-Охрид со рекреативни активности.
Буџет: 400.000 МКД
Времетраење: 1.7.2018– 31.8.2018