Здружението на граѓани за одбрана на слободата на говорот и на јавното изразување Член 16 се бори за отворено, демократско, пермисивно и либерално општество, во кое една од врвните вредности е слободата на јавно изразување. Член 16 е издавач на њуз-порталот Плусинфо, еден од најпопуларните и највлијателни интернет медиуми во Македонија. Здружението медиумски го поддржува граѓанскиот сектор во целина, со бесплатни објави на банери и содржини, при што во овој корпус на активности се вклучени и организации кои се занимаваат со борба за здрава животна средина. Здружението Член 16 објавува во уште два њуз-сајта, Арткујна и Мајка и дете.

Конституенти

Развивачи на фотоволтаична технологија, индустриски капацитети корисници на ФВ-технологија, потенцијални индивидуални корисници на ФВ-технологија, компании од енергетскиот сектор, Владата на Република Македонија, општата јавност.

Наслов

ФВ ТЕХНОЛОГИЈАТА – СПАС ЗА ЕНЕРГЕТСКАТА ИДНИНА НА МАКЕДОНИЈА

За што е потребна акцијата

За разлика од повеќе развиени европски земји, во кои електричната енергија произведена од фотоволтаични сончеви панели постигнува се поголемо учество во вкупното произведено количество енергија (во Германија, на пример, околу 30 отсто), во Македонија учеството на енергијата произведена на ваков начин во вкупното количество  е незначително. При тоа, необновливите извори на енергија се изложени на брзо и целосно исцрпување, а Македонија се повеќе станува зависна од увоз на електрична енергија од странство.

Од друга страна, по остварениот напредок на производство на ФБ-панели со поликристали и монокристали, цената на овие инсталации драстично опадна и продолжува да паѓа. Веќе денес, со сума од околу 5.000 евра, со ваква инсталација може да се обезбеди интерно снабдување со електрична енергија на куќа за едно просечно четиричлено семејство.

Клучното прашање на имплементација на оваа технологија на иднината е прашањето на менаџирањето, односно преземањето (откупот) на вишоците електрична енергија произведена на ваков начин, од страна на електроенергетските системи. Креирањето „независни“ односно „затворени“ системи е ќорсокак, бидејќи освен во индустријата, во домаќинствата ФВ панелите создаваат вишоци, кои електроенергетските системи засега не сакаат да ги преземат. Проблемот е што ФВ инсталации се приклучуваат практично директно во ниската напонска мрежа – за иднината на овој обновлив извор на енергија тоа е драматична предност (ја поевтинува цената на струјата), но за трговците, кои живеат од разлика во цените, тоа сега е демотивирачки фактор.

Цели и резултати

Цел

Целта на проектот е со формирање фокусна дебатна група на експерти, со серија истражувачки стории и анализи што ќе ги објави порталот Плусинфо, да го свртиме вниманието на јавноста на овој проблем, кој има повеќе аспекти, за да се развие свесноста за можноста од масовно и евтино користење на Сонцето како обновлив извор за производство на електрична енергија. Цел на проектот е и да се укаже на одговорноста на надлежните институции во областа на енергетиката, да создадат можности за развој на ваквото производство на енергија, кое освен што може да претставува решение за енергетската криза во земјата, може да биде и еден од клучните фактори за севкупно подобрување на квалитетот на животната средина.

Резултати

  • Зголемена информираност за примена на ФВ технологии за користење на Сонцето како обновлив извор за производство на електрична енергија;
  • Формирањето на фокусната група, со соодветна застапеност на инволвираните страни, треба да доведе до развој на свесноста дека ќе биде неопходно креирање политики и институционални можности за примена на ФВ технологиите;
  • Развивање на општата свесност кај потенцијалните корисници на ФВ технологиите.

Активности

  1. Формирање фокусна група од 5 лица со експертиза за проблемите
  2. Иницијална дебата на фокусната група за перспективите и можностите на надминување на проблемите на примената на овие технологии во македонскиот енергетски систем, со учество на вицепремиерот за економски прашања на Владата на Република Македонија
  3. Посета на една соседна земја (Србија, Грција или Бугарија) и истражување на тамошните искуства
  4. Подготовка на 12 истражувачки стории и анализи за темата, кои потоа ќе бидат објавени и во весникот „Слободен печат“
  5. Подготовка и изработка на анкета со 100 испитаници, за нивните сознанија за проблемите и предностите на користење на оваа технологија
  6. Завршна дебата на фокусната група, оценка на постигнатите резултати од новинарското истражување и на можните ефекти врз владините политики на полето на енергетиката и на деловните политики на компаниите од енергетскиот сектор.

Буџет: 400.000 МКД

Времетраење: 1.9.2017 – 28.2.2018