Здружение за слободен развој на мислата САКАМ ДА КАЖАМ Скопје
Објавено: 16/10/2015
Вкупен буџет: 1.789.577
Времетраење: 01.7.2016 – 30.6.2017
Здружението за слободен развој на мислата САКАМ ДА КАЖАМ е доброволно, непрофитно, невладино, непартиско здружение на граѓани за унапредување на граѓанското општество и локалните заедници, за поттикнување на моралните вредности, зајакнување на меѓуетничките односи и економски развој на територијата на Република Македонија. Формирано е за да се зачува човечкиот капитал по распадот на основачкиот тим на дневниот весник „Вест“ и на дописната мрежа, кои беа витално засегнати по заминувањето на германската групација ВАЦ и промената на сопственичката структура на весникот. Цели и задачи на здружението се истражувања и обука за проширување и надградување на просторот за јавно информирање и медиумска писменост; на третманот на општествено осетливи теми; на теми кои се однесуваат на ранливите и непривилегирани општествени групи; организирање обуки и едукација; креирање политики, настани, издаваштво и мултимедија заради развивање на просторот за јавно информирање и медиумска писменост.
Конституенти
Локални дописници, граѓански организации, локални власти, широка читателска публика и граѓанска јавност.
Претходно искуство
За проектот поддржан од Цивика мобилитас
Оспособување на локалните дописници за критичко и конструктивно партнерство со локалните институции
За што е потребна акцијата
Локалните дописници се најранливата група професионални новинари во Македонија. Има над 100 локални дописници кои работат и локално и како дописници на националните медиуми. Нивниот ангажман е во различен капацитет, но многу мал број од нив може да живеат од новинарството. Во последниве 25 години, нивното вработување, заштитата на социјалните права и професионалните стандарди континуирано се влошува.
Цели и резултати
Општа цел – Давање независен глас и можност на локалните заедници и граѓанските организации да го артикулираат нивното гледање на прашањата за ефикасно локално владеење, за отчетност и особено за квалитетот на демократијата.
Специфична цел – Овозможување независно и легитимно локално новинарство и медиуми преку создавање специјален тим на дописници – локални новинари.
Резултати
- Професионализација на локалната дописна мрежа како медиумски продукт
- Зајакнување на капацитетот на дописниците
- Воспоставување практики и процедури за локално новинарство.
Активности
- Создавање мрежа на локални дописници чии истражувачки текстови и дневни извештаи ќе се објавуваат на електронскиот весник/портал www.sakamdakazam.com.mk
- Работно ангажирање Специјален тим од 5 дописници за Скопје со 10-те општини, како и Битола, Тетово, Струмица и Куманово и регионите околу
- Истражувачките стории и оригиналната содржина со фокус на транспарентност како се троши буџетот на локалните власти, на маргинализирани групи, на социјална инклузија
- Советувања и обуки за дописниците
- Организирање размена со дописниците од регионот
- Изработка на правилник и кодекс за дописно известување
- Надградба на порталот за постирање на албански.