Вкупен буџет: 1.805.000
Времетраење: 01.7.2016 – 31.9.2017

Здружението за заштита и унапредување на човековите слободи и права „Сведок“ – Скопје е невладина организација формирана во 2015 година, заради заштита и унапредување на човековите слободи и права, владеење на правото, еднаков пристап до правото и правдата, промовирање на слободата на медиумите и заштита на јавното изразување, правото на мирен протест, недискриминација, заштита на маргинализирани и малцински групи, заштита на правата на истражувачките новинари како важен сегмент на откривање на криминал и корупција, неселективен пристап до сите информации од јавен карактер, како и заштита на други слободи и права во согласност со Уставот на Република Македонија.

Мисијата на Сведок е подобрување на заштитата на човековите слободи и права во сите области, нивно унапредување и развивање на јавна свест за овие важни прашања преку заштита и алармирање во конкретни случаи.

Конституенти

Сите граѓани на Република Македонија. Посебно, над 20 илјади граѓани непосредно засегнати со нелегалното прислушување, лица опфатени во постапките на Специјалниот јавен обвинител (осомничени, обвинети, сведоци, соработници, вештаци), адвокати, обвинители, судии, новинари, друга стручна јавност, домашни и меѓународни организации корисници на информациите и анализите, лица кои се опфатени со постапката за аболиција.

Претходно искуство

„Сведок“ го спроведува проектот „Неосновано притворени – правни и финансиски импликации“, го спроведе проектот „Мониторирај и известувај – Фаза 1 истрага“, ја спроведува акцијата „Јавност во судските постапки“, а во фаза на одобрување се и уште неколку други проекти. Сите членови на организацијата во последните три години работеле на спроведување на проекти поддржани од повеќе донатори и тоа: УСАИД, ФООМ, ОБСЕ, ЕК, Метаморфозис, Амбасада на Норвешка во Белград итн.

За проектот поддржан од Цивика мобилитас

Медиумско известување за случаите по кои постапува Специјалниот јавен обвинител – мониторирај и известувај

За што е потребна акцијата

Поради институционалната и политичка криза која настана со објавување на нелегално прислушуваните материјали се формираше Специјално јавно обвинителство кое треба да ги истражи сомневањата за криминал и корупција и да ги процесира. Од друга страна, запрени се политичките преговори кои требаше да резултираат со договор за медиумите, што ќе значи регулација на оваа сфера, преку добивање на професионални и непристрасни медиуми, ослободени од политички и партиски влијанија и новинари кои ќе работат врз основа на постојниот Кодекс на новинари, етичките правила, и принципот на непристрасност. Во таква, крајно поларизирана ситуација во Македонија, со обвинителство кое треба да постапува по содржините од т.н. „бомби“ и со поделени медиуми, неопходна е нова форма на информирање, нов (веќе оформен) портал, кој ќе презентира точни и објективни информации за една специфична цел, откривање и гонење на криминалот од страна на СЈО и судовите.

Цели и резултати

Општа цел – Владеење на правото, независни медиуми.

Специфична цел – Јакнење на капацитетот на медиумите преку нудење на точно, правилно и навремено информирање за специфична област, судските постапки, правни прашања кои произлегуваат од овие постапки, коментари, анализи, судска пракса од регионот и од Европскиот суд за човекови права.

Резултати

  • Секојдневни медиумски следења и известување за судските постапки иницирани од страна на Јавниот обвинител (Специјален јавен обвинител СЈО)
  • Подготвени и објавени истражувачки стории поврзани со судските постапки иницирани од СЈО
  • Зајакнати капацитети на новинарите преку обуки за теми како: истражувачко новинарство, судски постапки, владеење на правото преку достап до информации понудени од порталот СВЕДОК
  • Формирана правна база на одлуки, решенија, пресуди, други правни акти и документи поврзани со постапките по кои постапува СЈО, промовиран принципот на владеење на правото
  • Промовиран истражувачкиот дух за подготовка на новинарски стории, анимирани млади новинари за известување од судница.

Активности

  1. Надградба на веб платформата СВЕДОК, со нови рубрики (Хроника, Дневни вести, Постапки по жалби, Правни последици и др.) со кои ќе се прошири обемот на дневно информирање на веб порталот СВЕДОК, ќе се распоредат информациите во под рубрики и ќе се постигне подобар ефект за прегледност и читање
  2. Формирање на тим судски известувачи за следење на постапките иницирани од СЈО
  3. Секојдневно известување за теми поврзани со работата на СЈО
  4. Следење и известување од тековните судски постапки
  5. Следење и известување за постапки пред другите органи или во жалбена постапка пред повисоките судови.

Веб страница