Центар за граѓански мониторинг
Објавено: 22/06/2017
Центарот за граѓански мониторинг, Скопје е непрофитно, невладино, непартиско здружение, формирано заради придонес во унапредувањето на граѓанското општество во Македонија и заради јакнење на политичките и општествени вредности, зајакнување на принципот на јавност и отчетност во работата на институциите и јакнење на професионалните медиумски стандарди. Главни цели на здружението се јакнење на демократијата, унапредување на слободата на медиуми и европеизација на општеството. Главниот метод на работа е промовирање на овие цели и стандарди преку проекти.
Конституенти
Избирачките одбори, институциите, политичките партии, медиумите, набљудувачите и граѓаните
Наслов
КОМПАРАТИВНА СТУДИЈА ЗА ИЗБОРНИТЕ НЕДОСТАТОЦИ ВО МАКЕДОНИЈА И ИСКУСТВАТА ВО РЕГИОНОТ
За што е потребна акцијата
Цели 25 години од воведување на плурализмот, Македонија не успева да постигне напредок во изборниот процес и се наоѓа на дното по регуларноста на изборите во целиот регион. Во сите досегашни извештаи на ОДИХР се провлекуваат исти забелешки без соодветно да се адресираат од властите. Последните неколку изборни циклуси покажаа дека не само што не се движиме кон стандардите на развиените демократии туку одиме и назад, поради нерешавањето на клучните прашања за изборниот процес, како прочистувањето на изборните листи, казнувањето за изборните злоупотреби, спречувањето на притисоците врз избирачите, злоупотребата на државните ресурси, контрола на донациите на партиите итн. Мотив за овој проект е да се покажат искуствата на соседните земји околу „црните точки“ на македонските избори и да се издвојат најпозитивните и најуспешни примери како тие се решаваат во земјите членки на ОБСЕ.
Цели и резултати
Цел
Недостатоците на изборниот процес во Македонија да се стават во поширок контекст и разните изборни практики да се презентираат на поиновативен начин, со многу споредбени табели и графики, како на пример која земја има највисоки казни за нелегални донации во кампања а која најмали, од колку до колку членови бројат избирачките одбори, колку лица по земји се осудени за изборни нерегуларности изминатите години.
Резултати
Со оваа компаративна студија ќе се добие сеопфатна слика на изборните искуства во регионот и некои во Европа и ќе се посочат најдобрите практики за Македонија. За разлика од некои досегашни истражувања, студијата ќе даде преглед на трите клучни аспекти на изборите – парите, злоупотребите и санкциите и ќе биде „рендген“ слика на изборната практика во Македонија во другите земји во регионот која ќе помогне полесно да се согледаат решенијата за проблемите и да се унапреди изборниот процес кај нас.
Активности
- Истражување на регулативите и практиките во други земји за најспорните аспекти од изборите во Македонија
- Освен текстови, истражувањето ќе биде дополнето со повеќе табели и ќе биде илустрирано со графики
- Студијата ќе биде објавена на два начини – како печатено издание и онлајн верзија
- Подготвување посебна публикација во која во скратена верзија ќе ги престават најатрактивните наоди од истражувањето, а истата ќе ја дистрибуираат до сите медиуми по електронска пошта.
- Организирање јавна презентација на анализата со прес конференција.
- Спроведување промоција на анализата на социјалните мрежи.
Буџет: 385.880 МКД
Времетраење: 1.5.2017 – 31.10.2017