Вкупен буџет: 2.000.000
Времетраење: 01.4.2016 – 31.3.2018

С-Фронт настана како резултат на потребата од автентичен придонес во борбата против хетеронормативноста и патријархатот, и од незадоволството од состојбата со почитувањето, заштитата и промоцијата на правата на ЛГБТИ лицата и на жените. Основан во јуни 2013 од страна на ЛГБТИ активист(к)и и феминист(к)и, С-Фронт гледа на светот како место каде што сите луѓе без разлика на нивните различности ги уживаат сите досега постоечки права и слободи и имаат еднаков статус во општеството, а со тоа и можност за организирана политичка борба доколку нивните права, слободи и избори се прекршени.

Мисијата на С-Фронт е да работи на промоција на покритички, неконвенционален, непатријархален пристап кон идентификацијата со која било веќе постоечка категорија од сферата на родот и сексуалноста, а со тоа и да работи на признавање, воведување и унапредување на правата и статусот на луѓето со различности кои не се идентификуваат со доминантните хетеронормативни категории во Македонија, како и нивна заштита и поддршка преку создавање силно политичко движење во Македонија кое би работело на создавање поволна и прифатлива клима за луѓето со различен пристап кон родот и сексуалноста. С-Фронт работи на отворање нехомофобична дебата за правата на луѓето кои не се идентификуваат со доминантните хетеронормативни вредности, на политики и стратегии за создавање на поволна општествена и политичка клима за овие луѓе, како и на создавање на органска и организирана квир и ЛГБТИ заедница која би се мотивирала за активно учество во кампањата и борбата за еднакви права.

Конституенти

Конституенти на С-Фронт се ЛГБТИ лицата, жените, државните институции, останати домашни и надворешни ГОи кои се занимаваат со заштита и промоција на човековите права на ЛГБТИ лицата и на жените, медиумите, домашни и странски фондации и донатори, како и пошироката јавност во РМ.

Претходно искуство/проекти

С-Фронт континуирано работи на:

  • Подигнување на јавната свесност за вознемирувањето, малтретирањето и дискриминацијата засновани на сексуална ориентација и родов идентитет;
  • Застапување на заштитата на младите ЛГБТИ лица од малтретирање, вознемирување и дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет;
  • Воспоставување на мрежи и платформи за поголема мобилизација, соработка и солидарност меѓу граѓанските организации во борбата против хомофобијата;
  • Обезбедување на поддршка од медиумите, граѓанските организации, институциите и граѓанското општество;
  • Поттикнување на граѓанскиот ЛГБТИ активизам и учество во борбата против хомофобијата.

Веб страница