ОТВОРЕТЕ ГИ ПРОЗОРЦИТЕ, СКОПЈЕ
Објавено: 02/03/2016
Отворете ги прозорците (ОП) е единствената организација во земјата и во Западен Балкан целосно посветена на промовирање на асистивната технологија и дигиталната инклузија. Водена од визијата на „свет на рамноправни и активни луѓе…“, ОП ја остварува мисијата „преку асистивната технологија да го поттикнува и олеснува активното вклучување на сите луѓе “.
Како сервисна служба, ОП обезбедува поддршка за користење компјутер и интернет за поттикнување на личниот развој на корисникот. Од основањето во 2005, повеќе од 200 деца и лица со попреченост ги користеле услугите на ОП.
Во соработка со образовните власти, ОП воведе асистивна технологија во околу 10% од редовните основни училишта во земјата од почетокот на 2010.
Од 2015, моделот на користење асистивна технологија во инклузивната настава се реплицира во Србија.
За својата работа, организацијата е добитник на неколку престижни меѓународни и домашни награди и признанија.
Конституенти
Лицата со попреченост и сите други лица кои имаат потреба од асистивни и нестандардни решенија (хардверски или софтверски) за примена на технологијата во секојдневниот живот. Конституенти на организацијата се и општествени чинители во полето на попреченоста и инклузијата: професионалци, експерти, истражувачи, активисти, наставници, образовни и други институции, фирми во областа на информациско-комуникациските технологии и сл.
Наслов
Mојот глас се брои
За што е потребна акцијата
Предложената акција се однесува на недоволната инклузивност на изборниот процес во Македонија. Помеѓу 12% и 15% од населението се соочува со одредена попреченост. Тие се на маргините на општеството и се соочуваат со ризик од сиромаштија и дискриминација. Нивното учество во, и влијание врз општествено-политичкиот живот е занемарливо. Законска рамка и практиките отстапуваат од членот 29 од Конвенцијата за правата на лицата со попреченост (гласање со придружник, физичка непристапност, непристапност на информации итн.), што се однесува на активното и пасивното избирачко право. Од една страна, политичките партии ги занемаруваат лицата со попреченост како гласачи; од друга, лицата со попреченост не се мотивирани за активно учество во изборите.
Цели и резултати
Цел
Општата цел на проектот е да се придонесе кон вклучувањето на лицата со попреченост во политичкиот живот во Македонија. Целта на проектот е да се подобри инклузивноста на изборниот процес во Македонија.
Резултати
Обезбедени пристапни и јасни информации на лицата со попреченост во врска со предвремените парламентарни избори 2016; Промовирани се препораки за надминување на бариерите за учество на лицата со попреченост во изборниот процес.
Активности
- Организирање еднодневна практична обука за ДИК и политичките партии за изработка на лесно-читливи материјали (easy-to-read materials)
- Изработка и дистрибуција на лесно-читливи информативни материјали за пасивното избирачко право на лицата на попреченост
- Организирање средби за презентирање на изборните програми на политичките партии пред лица со попреченост
- Изработка и електронска дистрибуција на компаративна анализа на програмите на политичките партии во врска со попреченоста, дигиталната инклузија и асистивната технологија
- Истражување на искуствата на лицата со попреченост на изборите (преку регионални фокус-групи, во соработка со локални граѓански организации)
- Изработка и електронска дистрибуција на извештај за искуствата на лицата со попреченост на изборите
- Организирање тркалезна маса со релевантни чинители за утврдување на приоритетните потреби за подобрување на инклузивноста
- Изработка и електронска дистрибуција на документ со препораки за подобрување на инклузивноста на изборниот процес.
Буџет
397.600,00 МКД