Охрид СОС е граѓанска иницијатива започната од неколку граѓани загрижени за одредени проекти кои е предвидено да се спроведат во близина на Охридското Езеро без притоа да се обрне внимание на еколошките катастрофи што ќе ги предизвикаат. Иницијативата е започната веднаш по јавната дискусија за нацрт извештајот за стратегиска оцена на животната средина за измена и дополна на генералниот урбанистички план за Охрид. Охрид СОС е реакција на непочитувањето на Нацрт- извештајот со урбанистичкиот план за изградба на пет плажи долж охридското крајбрежје: Љубаништа, Лагадин, Студенчишко блато, Извиднички и Даљан, експресниот пат и ски центарот на Националниот парк Галичица. Водени од основното човеково право за чиста животна околина и член 43 став (2) од Уставот на РМ според кој: „Секој е должен да ја штити и унапредува животната средина и природата“, Охрид СОС се стреми кон решавање на овој проблем и исполнување на својата граѓанската должност и право. Планираните проекти многу е веројатно да предизвикаат загуба на заштитата од УНЕСКО што Охрид и езерото ја имаат уште од 1980 година. Граѓаните здружени во оваа иницијатива се обидуваат проблемот да го решат по институционален пат, меѓутоа, борбата е долга и неизвесна.

Конституенти

Населението, институциите и општините во Охрид и охридскиот регион

Наслов

НА ОХРИД МУ ТРЕБАШ

За што е потребна акцијата

Оваа акција е последица на непочитувањето на нацрт-извештајот со урбанистичкиот план за изградба на пет плажи долж охридското крајбрежје: Љубаништа, Лагадин, Даљан, Извиднички и Студенчишко блато, експресниот пат и ски центарот на Националниот парк Галичица.

Извори како IUCN, УНЕСКО и научниците посветени на истражувањето на езерските системи, предупредуваат дека урбаниот развој во литоралната зона е исклучително штетен и повлекува опасност од распаѓање на овој уникатен еко-систем. Се смета дека зголемувањето на количината на загадувачки материи во езерото, како на пример фосфорот, треба да се намали за 50% во претстојните години доколку сакаме езерото да го задржи постоечкиот олиготрофен статус.

Цели и резултати

Цел

Заштита на Охридското Езеро и регион со информирање (транспарентност) и вклучување на локалното население во еколошките и процесите на донесување на одлуки кои се однесуваат на нови урбанистички планови за изградба на нови локалитети и патишта.

Резултати

  • Соодветна и правична застапеност на жителите од охридско –преспанскиот регион во одлуките во однос на урбанизација на регионот
  • Зголемена транспарентност во работењето на општината и институциите во понатамошните проектирања и планови за урбанизација на охридско –преспанскиот регион.
  • Подигање на свеста кај локалното население за важноста на Охридското Езеро и националниот парк Галичица како заштитени подрачја на УНЕСКО

Активности

  1. Обезбедување на тим адвокати за давање правна помош на засегнатите граѓани од регионот за нивно вклучување и застапување на нивните права во процесите на одлучување и урбанизација на охридскиот регион.
  2. Креирање на советодавно тело за унапредување на процесот на консултација на засегнатите страни, а воедно и промовирање на транспарентност и отчетност на локалните институции за унапредување на соработката и спречување на судир на интереси
  3. Состаноци и тркалезни маси со институциите, локалните власти и локалното население во Охрид и охридскиот регион за изнаоѓање заеднички решенија во однос на транспарентност во креирањето на урбанистичките планови и нивното изведување.
  4. Организирање на прес конференции за истакнување на правата и мислењето на локалното население во однос на транспарентно работење од страна на институциите и локалната власт при имплементирање на новите планови за урбанизација на охридскиот регион.
  5. Медиумска кампања за подигање на еколошката свест за важноста на Охридското Езеро и националниот парк Галичица, како и кампања за запознавање на локалното население со своите права и должности согласно право за чиста животна околина и член 43 став (2) од Уставот на РМ.

Буџет: 396 000 МКД

Времетраење: 1.4.2017 – 31.8.2017

Веб страница