Нена Неновска Ѓорѓиевска
Објавено: 24/01/2018
Кратка биографија
Дипломира на Правниот факултет „Јустинијан Први“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и магистрира на Правниот факултет во Торино по што се стекнува со титулата магистер по правни науки во областа на меѓународното кривично право. Во моментов е студент на трет циклус на Филозофскиот факултет на студиската програма Меѓународни односи и менаџирање на конфликти.
Претходно работи како професор по право во Средношколската академија за бизнис и администрација САБА, потоа како соработник за стручна поддршка во Секретеријатот за европски прашања во Владата на Македонија и е соработник за регулатива во Агенцијата за супервизија и осигурување.
Докторска дисертација
Влијанието на вооружените конфликти врз бегалската криза на Блискиот Исток и одговорот на земјите од Балканот
Резиме
Покрај основните методи на истражување, главниот фокус во разјаснување на овие истражувачки прашања ќе биде поставен на специфичниот метод „аналитичко хиерархиски процес“ кој ќе се обиде да даде реална анализа за разрешување на овој миграциски проблем. Егзактноста на овој метод ја докажа неговата применливост во неколку случаи на разрешување на конфликти.
Оттука, се очекува да се дојде до конкретни резултати кои ќе ја потврдат хипотезата дека вооружените конфликти влијаат врз бегалската криза на Блискиот Исток и истовремено ќе дадат препораки за разрешување на дилемата за тоа каков одговор на оваа криза да понудат земјите од Балканот.
Цели
Ова истражување ќе придонесе кон продлабочување на анализите и наодите за интензитетот на конфликтите на Блискиот Исток со посебен фокус на Сирија, Ирак и Авганистан и како тој интензитет придонесува за започнување и забрзување на бегалските процеси за краток период. Преку ова, ќе се збогати денешното теоретско и практично знаење за овој многу сериозен меѓународен проблем.
Значајност за граѓанското општество
Покрај државните институции кои се задолжени да се занимаваат со проблемот на бегалската криза, невладиниот сектор е исто така засегнат и заинтересиран за ублажување на последиците од тие процеси. Постојат граѓански организации чија улога ќе биде од исклучително значење за ова истражување како Црвен крст, домашни и странски невладини организации кои се занимаваат со бегалските случувања. Од нив се очекува да се добијат податоци и информации за бројот на згрижени бегалци, за бројноста на потпомогнати семејства, колкумина од мигрантите побарале азил, колку од нив останале во државата, а колкумина ја користеле Македонија како транзит земја итн. Паралелно со тоа, тие се најповикани за обезбедување хуманитарна помош од секаков вид додека трае кризата.
Времетраење: 1.9.2016 – 1.7.2018
Буџет: 200.000 МКД