Кратка биографија

Марија Димитровска е докторант на Филозофскиот факултет – Скопје. По завршувањето на додипломските студии по социологија, од 2010 е ангажирана како демонстратор на Институтот за социологија на Филозофскиот факултет– Скопје.

Од 2011 е секретар на Здружението на социолози, а од 2016 е консултант во Development Solutions (DeSo), каде настојува своето знаење да го примени на проекти за развој на граѓанското општество во Македонија. Учествува во спроведување истражувања, изработка на стратешки планови, проектни евалуации итн. Учествувала на повеќе меѓународни научни конференции и летни школи во земјата и странство.

Докторска дисертација

КУЛТУРНАТА ТРАУМА КАКО ГЕНЕРАТОР НА КРИЗА: ПРОБЛЕМОТ НА ОПШТЕСТВЕНАТА И КУЛТУРНАТА РЕПРОДУКЦИЈА

Резиме

Предмет на истражувањето е процесот на трансгенерациска социјална и културна репродукција (трансмисија) на симптомите на културната траума. Културната траума е општествен феномен кој настапува во периоди на радикални општествени промени, манифестиран низ неколку „симптоми“: појава на случаи на морална паника, зголемена недоверба во други луѓе и/ или институции, криза на колективниот идентитет, чувство на беспомошност, апатија и пасивност во однесувањето на граѓаните и песимистичка визија за иднината.

Цели

  • Да даде придонес кон теориската база на сознанија за проблемот на културната траума,
  • Да го продлабочи разбирањето за врската помеѓу културната траума и колективната меморија,
  • Да утврди какво е долгорочното влијание на процесите на културната траума врз колективите и на кој начин таа е дел од трансгенерациската трансмисија,
  • Да се утврди на кој начин симптомите стануваат дел од културниот идентитет на новата генерација,
  • Да се утврдат механизми за амортизирање на овие дезинтеграциски општествени манифестации кај индивидуите.

Значајност за граѓанското општество

Резултатите од истражувањето можат да дадат продлабочени сознанија за механизмите на дејствување на општествените групи во периоди на радикални општествени промени. Тие ќе понудат објаснувања за можностите граѓаните активно да се вклучат во општествените процеси и да бидат двигатели на општествената промена. Дополнително, резултатите ќе утврдат механизми за амортизирање на симптомите на културната траума, со нагласок на создавањето проактивен однос кај граѓаните во поглед на активно учество во општествените случувања.

Времетраење: 1.9.2016 – 1.3.2018

Буџет: 120.000 МКД