Македонскиот институт за медиуми (МИМ) е невладина, непартиска и непрофитна организација, која се залага за градење демократско општество во кое доминираат професионални медиуми и транспарентни и отчетни институции и граѓански сектор, кои им овозможуваат на граѓаните доволно веродостојни информации, за тие да можат да направат информиран избор за сите прашања важни за нивниот живот и за општеството.
Мисијата на МИМ е да го поттикнува и континуирано да помага во процесот на унапредување на професионалните стандарди во новинарството, медиумите и во јавната комуникација, со цел да влијае врз подобрување на демократските процеси во Р. Македонија.

Конституенти

Медиуми, медиумски професионалци , граѓански организации, државни институции и јавна администрација на централно и на локално ниво, образовни институции, ученици и студенти, маргинализирани заедници
Претходно искуство    Во досегашното работење МИМ остварил соработка и заеднички продукциски проекти со повеќе национални и локални медиуми. Продукциските проекти се насочени кон релевантни теми кои често не се третирани во влијателните медиуми, но се од значење за развојот на граѓанското општество и демократските вредности во Македонија. Покрај продукциските и ко-продукциските проекти, МИМ ја надградува соработката со медиумите преку обезбедување на континуирана поддршка за професионално усовршување на новинарите и медиумските работници. Досега, Институтот организирал голем број на специјализирани обуки, конференции, како и студиски патувања и посети на регионални и меѓународни програми, проекти, медиумски организации и реномирани медиумски куќи.

За проектот поддржан од Цивика мобилитас

Известување за граѓанското општество и неговото влијание врз промените во општеството

За што е потребна акцијата

Соработката меѓу медиумите и граѓанските организации е еден од клучните аспекти во процесот на поттикнување општествени промени. Известувањето за теми поврзани со активностите на граѓанските организации игра значајна улога во подигнување на јавната свест за очекувањата, проблемите, потребите и приоритетите на граѓаните.

Во ситуација кога истражувачкото новинарство е редок жанр во медиумите во Македонија, а граѓанските организации недоволно се користат како ресурс за квалитетни новинарски истражувања, оваа акција ќе се фокусира на воспоставување на „мрежа“ за соработка помеѓу граѓанските организации и истражувачките новинари, која ќе овозможи продукција на квалитетни истражувачки стории и пристап до знаења поврзани со функционирањето на граѓанското општество во целина, на програмата Цивика мобилитас и на нејзините грантисти.

Цели и резултати

Општа цел – Промовирање и унапредување на квалитетот на истражувачкото новинарство во Македонија на теми од областа на граѓанското општество. Специфична цел – Продуцирање и објави на квалитетни истражувачки стории кои се однесуваат на функционирањето на граѓанското општество во целина, на програмата Цивика мобилитас и на нејзините грантисти.

Резултати

1. Поставена „мрежа“ за соработка помеѓу граѓанските организации ангажирани во програмата Цивика мобилитас и истражувачките новинари;
2. Граѓанските организации промовираат позитивни вредности и успешни промени во насока на зајакнување на демократските процеси;
3. Подобрена перцепцијата за граѓанското општество и неговото влијание во постигнување позитивни општествени промени.

Активности

1. Средби со граѓански организации-грантисти на програмата Цивика мобилитас и изработка за план за работа за 2016/2017;
2. Организирање на обука за новинари;
3. Изработка на новинарски стории, објавување и промовирање.

Буџет

3.500.000 МКД

Период на спроведување

1.01.2016 г.- 31.12.2017 г.