Комитетот за заштита на правата повеќе од две години, од почетокот на 2015 година, постоеше и делуваше како иницијатива на неформална група граѓани. Комитетот правно формално се основаше на собранието одржано на 28.06.2017, а се регистрираше на 10.07.2017 година како здружение на граѓани. Согласно програмата, основна цел на Комитетот е доследно почитување на уставните гаранции за слободите и правата на граѓанинот и владеењето на правото како предуслов за законито функционирање на правосудниот систем. Наша конечна цел е независен, непристрасен и професионален судски систем.

Визија на Комитетот за заштита на правата – Скопје се унапредени слободи и права на човекот и граѓанинот; почитувани уставни гаранции на основните слободи и права; владеење на правото; законито функционирање на правосудниот систем, детектирање и евидентирање на повредите на правата и современа промена на регулативата; разгледување на последиците од непочитувањето на владеењето на правото при функционирањето на правосудните институции; почитување на темелни вредности на уставниот поредок на РМ и современ развој на пенитенцијарен систем.

Мисија на Комитетот е заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот и почитување на предвидените уставни гаранции; владеење на правото; разгледување на последиците од непочитувањето на владеењето на правото при функционирањето на правосудните институции; поднесување соодветни граѓански законодавни иницијативи; почитување на темелни вредности на уставниот поредок на РМ; современ развој на пенитенцијарен систем и националните стратегии од оваа област, и унапредување на цивилното општество и демократијата и другите области на општествениот живот.

Конституенти

Невладини организации кои се залагаат за заштита на слободи и права; граѓани на кои им се повредени правата од страна на правосудниот систем; институциите кои го сочинуваат правосудниот систем; вкупното јавно мислење и социјалните мрежи.

Наслов

Правично судење и судска заштита на човековите права и слободи

За што е потребна акцијата

Во тек е финализирање на изготвувањето на нацрт Стратегијата за реформа на правосудниот систем 2017-2022 со Акциски план кон која свои сугестии и предлози даде и Комитетот. Постои неодложна потребата од изнаоѓање законити, одржливи решенија за случаите во правосудниот систем каде постојат евидентни повреди констатирани во повеќе меѓународни извештаи и експертската група на г. Прибе.

Цели и резултати

Цел

Одржливи реформи коишто треба да придонесат за поефикасна судска заштита на човековите права и слободи од аспект на нивното остварување, со што ќе се врати кредибилитетот на правосудните институции меѓу граѓаните.

Резултати

  • Зајакнати и вмрежени НВО од областа на човековите права и правосудството;
  • Успешна и инклузивна јавна дебата во медиумите и социјалните мрежи;
  • Започнат процес на враќање на кредибилитетот на судството;
  • Изнајдени одржливи решенија за реформа на правосудството и за случаите на груби повреди на правата.

Активности

  1. Организирање на две тркалезни маси со експерти и претставници од судски предмети на кои би се расправало за владеење на правото, начините за отстранување на последиците од случаите каде имало неправично судење, селективност и пристрасност;
  2. Дополнително вмрежување и вклучување во работата на Комитетот на засегнати граѓани во судски и други предмети и случаи каде има индиции за повреди на права;
  3. Изготвување на сумарен преглед на повреди на човекови права за случаи каде има сериозни индиции за повреда од страна на правосудни органи;
  4. Зголемена активност и популаризација преку социјалните мрежи;
  5. Изготвување Веб портал за поврзување на НВО од областа на човековите права, неформални граѓански групи и засегнати целни групи на граѓани.

 

Буџет: 398.960 МКД

Времетраење: 20.11.2017 – 19.05.2018