Коалицијата Сите за правично судење е формална мрежа од граѓански организации која брои 15 организации членки, а главна област на делување и е правосудниот систем, со особен осврт на набљудување на работата на судовите на територија на цела држава. Целите на Коалицијата се: да го зголеми почитувањето на стандардите за правично судење пред домашните судови; да ја воспостави јавната доверба во правниот систем и судството воопшто; да ја запознае јавноста со стандардите за правично судење и да ја засили довербата на граѓаните во функционирањето на судскиот систем; да ги намали можностите за несоодветен третман на страните во спорот од судиите и другите учесници во постапката.

Мисија на организацијата е следење на почитувањето на човековите права и слободи, особено на меѓународните стандарди за правично судење, преку разни форми на дејствување во настојувањето да се зголеми нивото на имплементирање, да се  иницираат институционални и правни реформи, како и да се поврати довербата на граѓаните во судството и другите институции на системот.

Визијата на Коалицијата е таа да биде моќна и стабилна организација, двигател и партнер на институциите на  системот во настојувањето Р.Македонија да се издигне како земја во која целосно ќе се почитуваат човековите права и слободи, со посебен акцент на стандардите за правично судење, како елементарен услов за интегрирање во  Европската Унија.

Во текот на последните 14 години Коалицијата редовно  изготвува анализи, публикации и стручни трудови што ја прави водечка организација во регионот на Југоисточна Европа по однос на бројот на набљудувани судски случаи и публикувани анализи за ефикасноста на судските постапки, пред се од областа на организираниот криминал и корупцијата во Македонија.

Конституенти

Сите граѓани на Република Македонија.

Наслов

Кампања „ФЕР Е КОГА Е ФЕР ЗА СИТЕ”

За што е потребна акцијата

Во моменти кога судот е под лупа на јавноста во однос на тековните политички ситуации кои произлегоа од упадот во Собранието на РМ на 27.04.2017г. и сторените кривични дела од поединци при оваа насилна акција, пошироката јавност треба да се потсети на основните човекови права и значењето на доброто владеење на правото во една држава и почитувањето на законите. Правото на фер и правично судење ја зголемува довербата на граѓаните во судството и го прави општеството посигурно и побезбедно. Запознавањето на граѓаните со ова нивно фундаментално човеково  право -да добијат фер и правично судење пред судовите во Р.Македонија е од особена важност во овој момент на менување на политичките структури, особено во насока на разобличување на стереотипите на реваншистичко постапување, дури и во третиот независен столб на една држава-судството, а кои се препишуваа на досегашните владеачки струкутри.

Цели и резултати

Цел

Информирање и промоција за основните права на сите учесници во една кривична постапка, со особен осврт на правото на фер и правично судење предвидено во Уставот на РМ, Европската конвенција за човекови права, како и останатото домашно процесно законодавство.

Резултати

  • Запознавање на пошироката јавност- граѓаните со стандардите предвидени во член 6 од Европската конвенција за човекови права, со тоа што истите ќе бидат информирани за суштината и значењето на правото на фер и правично судење.
  • Ќе се придонесе кон подигнување на свеста за непристрасноста и независноста на судиите во судските постапки, како и правото на одбрана на обвинетиот во една кривична постапка.
  • Подигнување на свеста за фундаменталното човеково право – правото на правично судење и дека сите страни се еднакви пред законот, преку акцентирање на потребата и важноста на правичното судење и апсолутната независност на судот преку почитување на законите без исклучок и нивна примена на сите актери во едно општество.

Активности

  1. Изработка на видео анимација во врска со правото на правично судење предвидено во член 6 од ЕКЧП;
  2. Отпочнување на кампањата преку промоција на видеото во медиумскиот простор (телевизиски станици), веб страна, социјални мрежи , веб портали;
  3. Спроведување на анкета помеѓу граѓаните, за нивната перцепција по однос на имплментација на овие стандарди (на фер и правично судење);
  4. Систематизирање на добиените податоци од анкетата и нивно јавно објавување во склоп на кампањата преку графички прикази.

Буџет: 397.500 МКД

Времетраење: 01.8.2017– 31.1.2018

Веб страница