КОАЛИЦИЈА НА ЗДРУЖЕНИЈА НА ГРАЃАНИТЕ – СИТЕ ЗА ПРАВИЧНО СУДЕЊЕ
Објавено: 26/05/2016
Вкупен буџет: 2.500.000
Времетраење: 01.4.2016 – 31.3.2018
Коалицијата на доброволна основа обединува 18 домашни граѓански организации заради следење на судските процеси пред надлежни судови во Републиката. Целите на Коалицијата се: да се придонесе кон осигурување на загарантираните права за правично судење како што е предвидено во Уставот, законите и ратификуваните меѓународни договори; да се зголеми јавната свест; да се придонесе кон зајакнување на довербата на граѓаните во институциите на системот; да се посочи потребата и да се работи на можните реформи во судските постапки; да се зголеми улогата и капацитетот на невладините организации. Коалицијата воедно се залага за еднаков пристап до правдата на сите граѓани на Р.М. Идеја да се основа формална Коалиција од повеќе граѓански организации дојде на иницијатива на Мисијата на ОБСЕ во Скопје заедно со организациите основачи на Коалицијата.
Визијата гласи – моќна и стабилна организација, двигател и партнер на институциите на систем, во настојувањето РМ да се издигне како земја во која целосно ќе се почитуваат човековите права и слободи, со посебен акцент на стандардите за правично судење како елементарен услов за интегрирање во Европската Унија.
Мисија– следење на почитувањето на човековите права и слободи, а особено на меѓународните стандарди за правично судење преку разни форми на делување настојувањето да се зголеми нивото на нивното имплементирање, да се иницираат институционални и правни реформи како и да се поврати довербата на граѓаните во судството и другите институции во системот.
Конституенти
Конституентите на Коалицијата се најпрво нејзините членки- 14-те , граѓански организации. Понатаму, тимот на извршната канцеларија на Коалицијата заедно со Управниот одбор, Надзорниот одбор и претседателката. Како конституенти се јавуваат и партнерските организации во и надвор од земјата, корисниците на бесплатната правна помош и набљудувачите, надворешните соработници, судските органи, судии, обвинители како и законодавните органи.
Претходно искуство/проекти
Структурата на Коалицијата беше создадена врз основа на идејата за набљудување на граѓански и кривични предмети во првостепена постапка пред сите основни судови во Р.М. Преку програмата мониторинг на судски постапки, Коалицијата воспостави метод за набљудување, спроведе обука на правосудството, што придонесе кон препознатливост на Коалицијата како единствена организација која врши професионален мониторинг на судски постапки на целата територија на РМ. Коалицијата досега има издадени преку 30 анализи и извештаи кои се однесуваат пред се на мониторингот на судски постапки, но и на проектот за поддршка на човековите права, избори и истражувања од различни други области. Многу често по публикување на анализите на Коалицијата, истата е контактирана од страна на законодавците и е вклучувана во работни групи за измени на законски одредби.