Ива Петрунова
Објавено: 24/01/2018
Кратка биографија
Ива Петрунова дипломира и магистрира на Архитектонскиот факултет во Скопје и се здобива со титулата Магистер инженер архитект. Во моментов е на докторски студии на Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на катедрата Социологија.
Работела како архитект во градежна компанија каде се стекнала со искуство во секторот градежништво, а сега е асистент по предметите стопански и јавни објекти на Факултетот за архитектиура при Универзитетот МИТ.
Докторска дисертација
ГРАДОТ ВО ТРАНЗИЦИЈА – СОЦИОЛОШКИ, СОЦИО- ПРОСТОРНИ И АРХИТЕКТОНСКИ ПРОМЕНИ (ПРИМЕРОТ НА СКОПЈЕ)
Резиме
Скопје е град кој има турбулентна историја и во својот изглед содржи форми и слоеви од многу различни времиња и народи. Во последните 20 години тој претрпува брзи и нагли промени кои се водени од транзицискиот период т.е. преодот од социјалистичко во капиталистичко општество и поставувањето на нови општествени вредности, се побрзиот начин на живот, новата технологија, глобализацијата и некои постмодерни струења. Ваквите услови овозможуваат специфична подлога за понатамошен развој на градот но, се појавува криза на културниот идентитет, на архитектонските форми и вредности.
Конкретно, ќе се прикаже трансформацијата на централното градско подрачје во Скопје преку неколку референтни простори кои опстанале низ времето, ја дефинираат структурата во центарот на градот и секојдневно се прилагодуваат на потребите на новите времиња како што се: плоштадот Македонија, петте станбени кули во ГТЦ и самиот ГТЦ, а исто така да се откријат општествените причини, вредности и услови во кои се случуваат промените.
Цели
Цел на тезата е да ја покаже трансформацијата на просторот и неговото прилагодување на новите потреби и промените кои се случуваат во периодот на транзиција и да се понуди решение.
Значајност за граѓанското општество
Поврзаноста на граѓанското општество со градот Скопје, а и пошироко во Република Македонија е сосема занемарена. Тезата би ги поттикнала позитивните вредности во просторот, а би ги критикувала негативните. Со тоа, во идните истражувања би помогнала во препознавањето на одредени квалитетни и трајни вредности и нивна трансформација низ времето. Исто така, би се дефинирале промените во просторот и на објектите кои се случуваат во период на транзиција. Ова би имало голем позитивен ефект на подобрување на општеството и зачувување и нагласување на неговите демократски карактеристики.
Времетраење: 1.9.2016 – 1.3.2018
Буџет: 200.000 МКД