ИНСТИТУТ ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА (ИЧП)
Објавено: 24/08/2018
Институтот за човекови права (ИЧП) е здружение на граѓани основано на 1 јуни 2009 година од страна на правни практичари (поранешен судија на Европски суд за човекови права и сегашен судија, јавни обвинители во пензија, судии на Врховниот и Уставниот суд на Република Македонија во пензија, членови на државни институции и комисии и други еминентни правници) со цел собирање на теоретското знаење и практичното искуство, и нивно понатамошно искористување за подобрување на состојбата на почитувањето на човековите права во РМ.
ВИЗИЈА: Институтот за човекови права е кредибилен и препознатлив чинител за целосно обезбедување, промовирање, унапредување и заштита на човековите права и слободи
МИСИЈА: Обезбедување, промовирање, унапредување и заштитата на човековите права и слободи преку истражување, анализа, едукација и други начини на дејствување.
УНИКАТНОСТ: Симбиоза на знаење и искуство во областа на човекови права и слободи и ентузијазам во спроведување на визијата и мисијата.
Конституенти
Помали граѓански организации кои се активни во следниве пет под области на човековите права: социјални права, работнички права, право на еднаквост и недискриминација (ЛГБТИ и други маргинализирани групи), право на изразување и слобода на медиуми, како и право на здрава животна средина.
Наслов
ПРАКТИЧНА ПРИМЕНА НА ПРИСТАПОТ ЗАСНОВАН НА ЧОВЕКОВИ ПРАВА (HRBA) – ОСНОВИ
За што е потребна акцијата
Четирите граѓански организации (апликантот и соработниците) подолго од една година се исклучително активни како неформална платформа во областа на човекови права и доброволно истражија кои се најважните потреби на помалите граѓански организации од сите плански региони во РМ.
Анализа на проблемот:
а) Вкупно 60% од граѓанските организации од групата грантисти на Цивика Мобилитас не се запознаени со Пристапот заснован на човекови права (HRBA), дури 76% од нив не ги применуваат неговите принципи при планирањето и спроведувањето на програмите и активностите, а 73% не прават анализа како нивните активности ќе влијаат на човековите права;
б) Вкупно 49% од нив не одржуваат активности за зголемување на познавањето на нивните вработени и членови за човековите права, а 76% не побарале надворешна експертиза за тоа;
в) Истражувањето покажа дека најитна потреба за надворешна експертиза има за подобластите: социјални права, работнички права и право на недискриминација (особено ЛГБТИ и правата на лицата со попреченост), а потоа следат правото на здрава животна средина и правата на децата.
г) Околу половина од нив ја оцениле со оценка три (на скала од еден до пет) свеста и вниманието на домашните донатори насочено кон човековите права при воспоставување на критериумите, а таа оценка е со нешто поголем процент во однос на меѓународните донатори.
Цели и резултати
Цел
Да се придонесе кон создавање на овозможувачка околина за зголемена примена на пристапот заснован на човекови права во граѓанскиот сектор како институција.
Резултати
- Поширока запознаеност со пристапот заснован на човекови права (HRBA) преку дистрибуиран е-Прирачник на три јазика (македонски, албански и ромски);
- Обезбедена основа за практична примена на пристапот заснован на човекови права преку партиципативно искористена надворешна експертиза;
- Зајакнати капацитети на 20-30 граѓански организации со одржана пилот обука за HRBA;
- Зголемена свест и внимание на донаторите насочено кон човековите права при воспоставување на критериумите во јавните повици.
Активности
- Изработка на е-Прирачник
- Спроведување на една еднодневна пилот обука
- Дистрибуција на е-Прирачник до голем број на организации во сите осум плански региони.
Буџет: 160.000 МКД
Времетраење: 1.7.2018– 15.9.2018