Граѓанската иницијатива за зачувување на паркот во населбата „8 Ноември“ е  неформална група чие дејствување е поттикнато од одлуката на Општина Штип да го претвори во градежен простор единствениот рамен парк во општината, притоа не водејќи сметка за мислењето на граѓаните и за законитоста на донесената одлука. Граѓаните се организираат за да го зачуваат паркот и да укажат дека јавното мислење мора да биде земено предвид при решавање на вакви битни работи за општината и секако да се почитуваат законите. Граѓаните веруваме дека сите овие чекори ќе придонесат за зачувување на единствениот парк во градот од рамен тип и ќе ја спречат општината во иднина да донесува одлуки без спроведување на пошироки консултации со граѓаните.

Конституенти

Граѓаните од населба „8 Ноември“ и сите останати граѓани од Општина Штип

Претходно искуство

За проектот што е поддржан од Цивика

Наслов

За спас на паркот во „8 Ноември“

За што е потребна акцијата

Општина Штип издаде маркица за градба на станбено деловен објект на место кое е единствен рамен парк во градот и преставува најубавиот зелен плоштад, на кој има поставено урбана опрема и детски игралишта и реквизити. Постапката на продавање на земјиштето и негова пренамена се одвиваше нетранспарентно и без да се вклучи експертската и генералната јавност. Граѓаните од овој дел на градот не се консултирани, уште повеќе не се ниту информирани од страна на општината. На други локации во градот веќе се најавени вакви или слични активности. По деталниот увид во документацијата добиена од општина Штип и од други извори и по консултирањето на позитивните законски прописи се увиде дека голем дел од одлуките поврзани со овие градежни парцели се незаконски, што повлекува реакција до соодветните национални институции.

Цели и резултати

Цел

Запирање на постапката за градба и поништување на одлуката на Општината за продавање на ова земјиште и за негова пренамена во станбено – деловен објект. Така ќе се зачува паркот, но и ќе се запрат идните иницијативи од ваков тип. Ваква акција ќе придонесе и за поголемо вклучување на граѓаните во донесувањето на одлуки кои се однесуваат на локални проблеми во заедницата.

Резултати 

  • Ќе биде зачуван единствениот парк од ваков тип во општина Штип;
  • Ќе се даде предлог за негово разубавување и претварање во „зелен плоштад“;
  • Ќе се овозможи поголема транспарентност и отчетност на општината и пракса да се консултираат граѓаните преку месните заедници, пред носење на крупни одлуки;
  • Ќе се запрат другите слични иницијативи, на други локации.

Активности

  1. Иницијативи до судовите и обвинителствата. (Иницијатива за преиспитување на уставноста и законитоста на одлуката за продажба на земјиштето, Претставка до инспекторатот за локална самоуправа и предлог до Основно јавно обвинителство);
  2. Активности за мобилизација на граѓани. (изложба „духот на паркот“, мултимедијален настан, чајанка, јавни трибини во паркот, ТВ дебати, инсталација макета на деловен објект и герила акција);
  3. Промоција. (маратон 5 км, видео за социјални медиуми со јавни личности, брошура и промотивен материјал)

Буџет

400.000,00 МКД