Првата инфо содржина за оваа година нуди преглед на најголемите договори за јавни набавки склучени во 2017 година, а произлегува од базата на тендери над 1 милион евра на Центарот за граѓански комуникации.

Во текот на минатата година склучени се 66 вакви договори во вкупна вредност од 137 милиони евра, што е најниска вкупна вредност на милионските договори во последните 10 години. За споредба, во 2016 година дури 50% од сите пари во јавните набавки се потрошени преку договори над 1 милион евра, а во 2017 година овој процент изнесува околу 15%. 

Четири од најголемите 10 договори во 2017 година се од областа на енергетиката, а три од градежништвото. Двата најголеми договори се на Министерството за култура за изградба на нов објект на Драмскиот театар (10 милиони евра) и на ЕЛЕМ за ископ на јаглен и јаловина во РЕК Битола (7 милиони евра), иако ЕЛЕМ има склучено уште еден договор за истата намена во вредност од околу 5 милиони евра. Пет од најголемите 10 договори се на ЕЛЕМ.

Базата на договорите за јавни набавки над 1 милион евра содржи податоци од отворен формат за овие тендери по години, односно од 2009 година наваму. За последните седум години базата нуди можност за пребарување преку филтрирање на податоците по институции и по компании- носители на договорите.

Годишната програма на Центарот за граѓански комуникации е поддржана од Цивика мобилитас. За повеќе информации околу ова, погледнете го нивниот профил.