Јавната администрација брзо се менуваше, станувајќи сè повеќе различна и несомнено поинаква. И покрај силните противења на почетокот (отворени или премолчени), принципот на правична застапеност беше прифатен од мнозинството во јавната администрација, како што, впрочем, покажува и ова истражување. Барем на нормативно ниво, на него се гледа како на правичен принцип. Нашиот основен мотив при ова истражување беше да се направи чекор напред. Си поставивме неколку основни прашања: до кој степен сме го истражиле потенцијалот на принципот на соодветна и правична застапеност? Дали тој послужи во остварувањето на главните цели на Охридскиот рамковен договор? Дали има нешто што можеме да научиме од другите со цел да се разбереме подобро и заедно подобро да работиме? Како може алатките за управувањето со различностите и интеграција на работното место да помогнат кон овој стремеж?