Важноста на транспарентноста произлегува и од фактот што јавните набавки, како најзначајна активност меѓу државата и фирмите, се и најподложни на корупција, односно на пренасочување на јавните пари во приватни џебови. Бидејќи корупцијата почива врз притајувањето, токму транспарентноста е едно од најзначајните оружја против неа. За да бидат граѓаните и фирмите сигурни дека нивните пари се трошат наменски, рационално и ефикасно, луѓето што ги спроведуваат јавните набавки мора да бидат отчетни за својата работа. Отчетноста, како уште еден од главните принципи на јавните набавки, не треба да биде само кон фирмите учеснички на постапките за јавни набавки, туку пред сè кон граѓаните, односно кон нивните претставници во општеството – медиумите и невладините организации. Оттука, медиумите заедно со невладиниот сектор, односно со т.н. граѓанско општество, треба да играат и клучна улога во следењето на трошењето на јавните пари и при откривањето на незаконско работење.