Во парламентарната демократија, одлуките се носат со мнозинство. Владејачкото мнозинство има мандат од 4 години за да ја понесе одговорноста за донесените одлуки пред судот на граѓаните. Во повеќето случаи, донесените одлуки може да бидат повлечени и државата да заземе поинаков курс со новото парламентарно мнозинство. Некои одлуки може да се сменат, некои може да се надополнат. Одлуките, пак, што имаат поголемо значење за јавноста, може да бидат донесени по пат на компромис меѓу различните политички чинители (партии). Но, има група поларизирачки политички прашања поврзани со моралниот светоглед за кои компромисот е суштински невозможен.