Лустрацијата, во однос на целта што треба да ја постигне, треба да биде дел од транзиционата правда која ќе овозможи полесен преод од поранешниот режим кон градење плурална демократија заснована врз принципот на владеење на правото и почитување на човековите права. Од историски аспект, лустрацијата
претставува инструмент на морална деквалификација кој пред сè зависи од процесот на транзиција, но и од суровоста на минатиот режим. И покрај тоа што во литературата не можат да се сретнат објаснувања за различната имплементација на процесот на лустрација и за нејзината честа злоупотреба за политички цели,
сепак, во сите дефиниции се напоменува дека лустрацијата, како процес, може да биде единствено ефикасна ако се спроведе веднаш по смената на поранешниот систем, а нејзиното правилно спроведување најмногу ќе зависи од реакцијата на јавноста за потребата од лустрација.