Заедничката рамка за процена (во понатамошниот текст: ЗРП) е Европска алатка за упавување со квалитет во јавната администрација. Таа произлегува од моделот на Европската фондација за управување со квалитетот и на Институтот Спејер од Германија. ЗРП е лесна за користење, бесплатна алатка за самопроцена на јавниот сектор, која може да им помогне на јавните администрации во ЕУ да ги разберат и да ги применат современите техники на управување. Во 2011 година, кога се прослави 10-годишнината од воведувањето на овој модел, беше регистриран нејзиниот 2000-ти корисник. И покрај многубројните придобивки, кои може да ги има ЗРП за подобрување на функционирањето и ефикасноста на Европскиот јавен сектор, како и фактот дека Македонија се обврза дека ќе го користи ЗРП како модел за процена, ЗРП многу малку се користи во македонската јавна администрација. Со цел да се подигне свеста кај клучните чинители во процесот на европеизација за потенцијалот на ЗРП како европски инструмент за управување со квалитетот и да поттикне поширока употреба во рамките на македонската јавна администрација, Институтот за европска политика (ЕПИ) – Скопје спроведе истражување користејќи ги искуствата од Република Словачка. Главните наоди од проектот заедно со препораките, кои се содржани во оваа публикација, беа презентирани на конференцијата, која ја организираше ЕПИ на 20 јуни 2011 година во Државниот завод за статистика. На настанот, на кој присуствуваа заинтересирани страни, претставници на министерства, академскиот и граѓанскиот сектор, се издвоија неколку клучни заклучоци и забелешки, кои, исто така, се содржани во овој документ.