Стратегијата за сексуално и репродуктивно (СРЗ) здравје беше донесена од Владата на Република Македонија во 2011 година. Документот зад кој стои Министерството за здравство на Република Македонија (МЗРМ), Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), поддржан од Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА), беше изработен низ процес во кој учествуваат стручни лица од клучните области на сексуалното и репродуктивно здравје, но и претставници на здруженијата на граѓани што работат на ова подрачје. Уште повеќе, на донесувањето на документот му претходеше широк консултативен процес во кој беа вклучени сите засегнати страни преку јавни дебати на национално и на локално ниво. Иако ова е прва стратегија од ваков тип, може да се каже дека таа ги одразува современите сознанија и пристапи кон сексуалното и репродуктивно здравје. Па така, документот го гледа унапредувањето на СРЗ низ препознавање на сексуалните и репродуктивните права како човекови права, преку остварување на родовата еднаквост, осигурување посебен пристап за маргинализираните заедници и важноста на поврзувањето на интервенциите за СРЗ со оние за ХИВ.