Во рамки на поглавјето 24 – кое се однесува на политиките од областа на правдата, слободата и безбедноста процесот на усогласување со правото на Европската унија (ЕУ) ја наметнува потребата за воспоставување на законски гаранции, солидна правна рамка, документирани и континуирани резултати на институциите. Цел на ваквото усогласување e потребата за остварување на успешна правосудна соработка која ќе овозможи ефикасно и ефективно откривање, докажување и судско процесирање на кривичните предмети, особено во областа на транснационалниот организиран криминал. Правосудната соработка во кривичната материја особено зависи од заемното признавање на судските одлуки, хармонизацијата на законодавството и остварувањето на институционалните претпоставки за успешна соработка. Битно е да се спомне дека ЕУ не инсистира на потполна унификација на законодавството во оваа област, туку на изнаоѓање механизми со кои ќе се овозможи непречена и континуирана соработка меѓу државите и нивните правосудни органи, и ќе се избегне судир на надлежности и заемно непризнавање на преземените дејствија и донесените одлуки.